Националното студентско тело побара субвенцијата за студентски оброк веднаш да се зголеми од сегашните 140 на околу 180 денари дневно, односно на 4.500 денари месечно. Според резултатите што ги објави телото, зголемувањето го поддржале 97 проценти од околу 7.000 студенти што учествувале во онлајн анкетата. За задржување на постојниот систем со платежни картички се изјасниле 79,5 проценти.
Владата предлага од октомври 2027 година субвенцијата да се користи преку апликација за купување храна кај избрани оператори, со најавени попусти. Претседателката на Националното студентско тело, Ангела Василевска, вели дека студентите веќе користат попусти во дел од пекарниците и угостителските објекти и дека зголемувањето на износот треба да се спроведе веднаш. Според неа, субвенцијата три години не е усогласена со инфлацијата, како што предвидува Законот за субвенциониран студентски оброк.
„Три години не се почитува Законот за субвенциониран студентски оброк и бараме државата да почне да го почитува законот што самата го пропишала: износот треба секоја година да расте според ифлациската стапка по секоја фискална година. Сега сум четврта година на студии и досега само еднаш е покачен студентскиот оброк, кога бев прва година. Студентите се гладни и три години оставени на цедило, студентскиот оброк мора веднаш да се покачи. На сите факултетски бифеа за 140 денари не може да се најде ни делумно од оброк – изјави Василевска.
На средбата со Владата кон крајот на октомври, за која пишуваше „Трн“, студентските претставници бараа дневниот износ да се зголеми на 200 денари. Во анкетата што следуваше, студентите се изјаснуваа за итно зголемување на 4.500 денари месечно и за тоа кој начин на исплата го претпочитаат.

Кој стои зад Националното студентско тело?
Националното студентско тело е формирано во 2024 година со декларација за заедничко застапување на студентите пред институциите. Во неговиот управен одбор членуваат претседателите на универзитетските студентски собранија. Телото најави дека денеска ќе ги достави резултатите и барањата до МОН. Василевска најави протест доколку барањата не бидат исполнети.
