Со Националната стратегија за развој на туризмот 2027 – 2032 се поставуваат темели за современ, одржлив и амбициозен пристап, кој треба да ја трансформира Македонија во препознатлива, квалитетна и конкурентна туристичка дестинација во регионот и пошироко, порача министерот за култура и туризам Зоран Љутков на првата јавна расправа за стратегијата.
Љутков очекува документот да даде јасни одговори и конкретни решенија за рамномерен регионален развој на туризмот, ефективен дестинациски менаџмент на локално и национално ниво, одржлив туризам, дигитализација на услугите и посилна промоција на македонскиот туризам.
Стратегијата треба да овозможи и развој на нови високовредносни производи во културниот, езерскиот, планинскиот, руралниот, винскиот и искуствениот туризам, како и подобрување на квалитетот на услугите и човечките ресурси во секторот.
Според министерот, Националната стратегија 2027 – 2032 се изработува според современи европски практики и методологии, со учество на домашни и меѓународни експерти, академската заедница и реалниот сектор.
„Не сакаме овој документ да остане на полица, туку да биде оперативна и функционална стратегија, која ќе биде вистинско средство за развој и ќе донесе видливи резултати“, порача Љутков.
Тој нагласи дека развојот на туризмот не е само економска категорија, туку двигател на вкупниот развој на државата. Туризмот, како што рече, создава нови работни места, поттикнува инвестиции, ја зајакнува локалната економија и го промовира меѓународниот имиџ на Македонија.
„Во време на брзи глобални промени, дигитализација, нови очекувања на туристите и засилена конкуренција, ние не смееме да останеме пасивни набљудувачи. Потребен ни е храбар, стратешки и долгорочен пристап“, рече министерот.
Љутков оцени дека Македонија има огромен, но сè уште недоволно искористен потенцијал.
„Нашите прекрасни планини и национални паркови, кристалните езера, богатото културно и археолошко наследство, традиционалната кујна, винските региони и автентичната гостопримливост на нашиот народ се вистинско богатство, кое може и мора да стане силна конкурентска предност на меѓународниот туристички пазар“, рече Љутков.