Србија планира во првата половина од 2028 година да го испрати својот прв сателит во орбитата со помош на ракета на американската компанија „Спејс екс“ (SpaceX). Проектот го развива белградската компанија „Таран аероспејс“, а целта е поставување мал модуларен сателит наменет за прибирање податоци за земјоделството, екологијата и безбедноста на границите. Иницијативата претставува обид за поширок влез на српскиот технолошки сектор во вселенската индустрија.
Компанијата „Таран аероспејс“ веќе пет години работи на развој на хардвер и симулации за вселенски летала, вклучително и компоненти за мисии во длабоката вселена. Директорот на претпријатието, Срѓан Костиќ, изјави дека инженерите во Белград во моментов го склопуваат сателитот што треба да полета за две години.
„Сега го составуваме сателитот што планираме да го лансираме во првиот дел од 2028 година со ‘Спејс екс’ и да биде српски сателит“, посочи Костиќ. Претпријатието започнало како семеен инженерски проект во областа на воздухопловството, по што дејноста ја проширило кон производство на специјализиран хардвер за меѓународни партнери.
Влезот во орбитата преку малите таканаречени кјубсат (CubeSat) системи бара далеку помалку ресурси отколку традиционалните големи вселенски програми. Д-р Владимир Гашиќ, претседател на Астрономското друштво „Руѓер Бошковиќ“, посочува дека нискиот праг за влез истовремено значи и огромна глобална конкуренција.
„Кјубсатовите се генерално модуларни, полесно можат да се направат деловите, полесно се склопуваат и полесно се лансираат поради малата маса. Токму затоа тука може да влезе речиси секој: Индија, Кина, САД или земји од Европската Унија“, објаснува Гашиќ. Тој додава дека суштината не е самото лансирање, туку развојот на технологија со конкретна, уникатна намена која нема само да ги дуплира постојните европски или американски системи.
Според планот, главната вредност на српскиот сателит ќе биде собирањето прецизни геопросторни податоци. Во земјоделството, ваквите снимки овозможуваат точно лоцирање на плевелот или сушните делови на обработливите површини, со што третманот се сведува само на критичните зони.
Покрај аграрот, технологијата е применлива за мониторинг на шумски пожари, заштита на животната средина и граничен надзор. Со комбинирање на сателитските параметри со беспилотни летала на терен, контролата на големи пространства станува значително поевтина и поефикасна за јавните служби.
Србија не е пионер во оваа трка на Балканот, бидејќи неколку соседни држави веќе имаат функционални летала во Земјината орбита. Словенија уште во септември 2020 година лансираше два сателити („ТРИСАТ“ и „НЕМО-ХД“) наменети за далечинско набљудување и тестирање на домашна технологија, а подоцна ја прошири мисијата со нови наносателити. Албанија во јануари 2023 година испрати два сопствени набљудувачки сателити („Албанија 1“ и „Албанија 2“) со ракета на „Спејс екс“, главно за надзор на територијата, борба против диви градби и откривање шумски пожари.
Хрватска кон крајот на декември 2024 година исто така се запиша на оваа мапа со успешното лансирање на својот прв наносателит „КроКјуб“ (CroCube), испратен во вселената како дел од мисијата „Бендвагон-2“ на американската ракета „Фалкон 9“. Во Бугарија, пак, софиската приватна компанија „ЕндуроСат“ не само што развива сопствени сателитски платформи, туку во соработка со Европската вселенска агенција (ЕСА) ја гради мултиспектралната мрежа „Балкан констелација“ за еколошки и инфраструктурен мониторинг на регионот.