Спасен витражот „Подем“ на Борко Лазески: По реакциите на јавноста, ремек-делото ќе добие нов дом

Монументалниот витраж „Подем“ на Борко Лазески, кој исчезна по преселбата на Стопанска банка од ГТЦ, е зачуван и ќе биде реставриран и поставен на нова локација со свечено отворање во септември.
фотo: Mелеем ФБ страна

Монументалниот витраж „Подем“ на македонскиот уметник Борко Лазески повторно се најде во фокусот на јавноста откако беше покренато прашањето за неговата судбина по преселбата на Стопанска банка АД Скопје од стариот објект во Градски трговски центар. Профилот на ФБ на Мелеем го актуализира прашањето каде се наоѓа сега витражот, а на темата пишуваше денес и Слободен Печат.

„Витражот на Борко Лазески е едно маестрално уметничко дело, кое беше поставено во ентериерот на една банка, во ГТЦ. Откако банката го промени своето седиште во нова зграда, витражот е отстранет од претходната локација, а во новиот простор на Банката не можеме да го видиме ниту банката има дадено официјално соопштение : што се случило со витражот. Замислете витражот да беше од Пикасо, и ова да беше Шпанија. Па сигурно ќе беше проценет на неколку милиони. Дали Борко е помалку од Пикасо, само затоа што е Македонец? И дали уште едно негово маестрално дело заврши на депонија? Останува да дознаеме….“ стои во објавата на Мелеем на ФБ.

Делото, создадено во 1971 година, со децении беше еден од препознатливите уметнички симболи во ентериерот на банката. Откако витражот повеќе не можеше да се види на старата локација, јавноста и љубителите на културното наследство изразија загриженост за неговата состојба и местоположба.

Најгласна во потрагата по одговори беше Росица Лазеска, ќерка на уметникот, која посочи дека претходно била контактирана околу идното сместување на делото, но дека комуникацијата подоцна прекинала. По реакциите во јавноста, таа добила уверување од банката дека витражот е безбедно дислоциран и моментално се наоѓа во нивни простории.

„Утрово стапив во контакт со одговорното лице од Стопанска банка. Ми потврдија дека витражот е внимателно демонтиран и во моментов е безбедно складиран во нивните простории. Веќе е предвидено место за него во новиот објект, а по соодветна реставрација ќе биде повторно поставен таму. Според информациите што ги добив, планот е тоа да се реализира во текот на летото, а во септември да се организира и свечено отворање. Уф, фала му на Бога! Би било навистина неверојатно да не препознаат какво уметничко дело поседуваат и да не ја ценат неговата вредност. Иако, за жал, сите знаеме дека кај нас сè е можно“ пишува Лазеска во коментар на профилот на Мелеем.

Според нејзините информации, за „Подем“ веќе е предвидена нова локација каде што ќе биде поставен по завршувањето на реставраторските активности. Планот е делото свечено да биде претставено пред јавноста во септември. Росица Лазеска потсети дека витражот во минатото бил повеќепати оштетуван и реставриран, при што на одредени панели биле забележани и по повеќе скршени стакла. Поради специфичната техника на изработка со оловни споеви, секое преместување претставува сложен и чувствителен процес.

Случајот го отвори и прашањето за грижата кон монументалните уметнички дела во јавниот простор. Според Росица Лазеска, витражот „Подем“ заслужува не само соодветна заштита, туку и видливост, како и информативна поставка што ќе ја доближи неговата историја и значење до посетителите. Инаку, Борко Лазески се смета за еден од најзначајните македонски монументални уметници, а зад себе оставил над илјада квадратни метри фрески, витражи и мозаици кои и денес претставуваат значаен дел од македонското културно наследство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс