Телото во Париз, срцето во тегла: Како заветот на Шопен ја реши мистеријата за неговата смрт

Фредерик Шопен почина на 17 октомври 1849 година во Париз, но патолозите многу подоцна добија шанса да утврдат од што почина генијалниот пијанист.
Фото: Hadi Karimi https://hadikarimi.com/, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Фредерик Шопен имаше само 39 години кога почина во својот стан на плоштадот Вандом во Париз на 17 октомври 1849 година, исцрпен од долгогодишно боледување. Преплашен од помислата дека може да биде погребан жив, полскиот композитор пред смртта побара неговото срце да биде извадено пред погребот. По повеќе од еден и пол век шпекулации, полски патолози направија детална визуелна анализа на зачуваниот орган и ги расчистија дилемите околу неговата дијагноза.

Додека лежеше на смртната постела во Париз, Шопен ја задолжи својата постара сестра Лудвика Јенджејевич да го исполни неговиот последен завет. Таа го зеде срцето на својот брат, конзервирано во стаклена тегла со алкохол за кој со децении се верува дека е француски коњак, и тајно го прошверцува преку австриските и руските граници до окупираната Варшава.

Органот преживеа воени разурнувања, вклучително и Варшавското востание во 1944 година, кога германски офицер со почит кон неговата музика го спаси од пламените јазици. Денес почива запечатен во еден од столбовите на варшавската црква Свети Крст.

Научната заедница со децении се сомневаше дали Шопен навистина починал од туберкулоза. Дел од истражувачите шпекулираа со цистична фиброза, дефицит на алфа-1 антитрипсин или хронични автоимуни заболувања, наведувајќи ја неговата екстремно мала телесна тежина под 45 килограми и постојаните белодробни инфекции.

Тим полски патолози предводен од професорот Михал Вит и професорот Тадеуш Доброш доби дозвола од полското Министерство за култура за преглед на зачуваниот орган. Без да ја отворат херметички затворената стаклена тегла, научниците направија стотици детални фотографии со висока резолуција. Органот покажа масивно зголемување и бели фибринозни наслаги на надворешната обвивка, придружени со мали крвавења. Нивната студија утврди дека директна причина за смртта бил перикардитис, воспаление на срцевата обвивка кое се развило како ретка и фатална компликација на хронична туберкулоза.


Истражувачите побараа дозвола да земат микроскопско парче ткиво за генетска ДНК анализа со која би се исклучиле сите генетски заболувања, но институциите и наследниците го одбија тоа барање за да спречат физичко оштетување на реликвијата. Следната редовна инспекција на теглата со срцето на Шопен е предвидена дури за 2064 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс