Трамп го враќа стрелањето како метод за извршување смртна казна

Министерството за правда на САД најави нови насоки за побрзо спроведување на федералните смртни казни и проширување на дозволените методи.

Министерството за правда на САД најави нови насоки за побрзо спроведување на смртните казни и проширување на дозволените методи за нивно извршување.

Министерството за правда на Соединетите Американски Држави објави дека има намера да го забрза спроведувањето на федералните смртни казни. Одлуката претставува промена во однос на политиката на администрацијата на Џо Бајден, која постепено ја напушташе примената на смртната казна на федерално ниво, објави Си-Ен-Ен.

Во соопштението на Министерството се наведува дека повторно се воведува протокол за смртоносна инјекција што се користел за време на првиот мандат на Доналд Трамп. Истовремено, се прошируваат и дозволените методи за извршување на казната, меѓу кои се наведува и стрелањето.

Министерството најавува и поедноставување на внатрешните процедури, со цел да се забрзаат постапките што водат до извршување на смртната казна.

Стрелањето како метод во моментов е дозволено во пет американски сојузни држави за осуденици кои ги исцрпиле сите правни лекови. Во март, во Јужна Каролина, на тој начин беше извршена смртна казна врз маж осуден за двојно убиство, што беше четврти таков случај во САД од 1970-тите години.

Вршителот на должност државен обвинител Тод Бланш изјави дека претходната администрација не ја исполнила својата должност.

„Претходната администрација не ја исполни својата должност да го заштити американскиот народ, бидејќи одбиваше да ја спроведе најстрогата казна против најопасните криминалци, вклучувајќи терористи, убијци на деца и убијци на полицајци“, рече Бланш.

Тој додаде дека под водство на претседателот Трамп, Министерството за правда повторно го спроведува законот и стои на страната на жртвите.

Министерството соопшти и дека сака да го поедностави процесот за барање смртни казни и да го намали бројот на години што поминуваат меѓу изрекувањето на пресудата и нејзиното извршување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни