Прв смртен случај од маларија во регионот по три децении, лекарите предупредуваат на опасноста

Во Словенија е регистриран првиот смртен случај од маларија во последните 30 години, откако пациент починал по тешки компликации предизвикани од болеста. Лекарите предупредуваат дека бројот на заразени патници кои се враќаат од егзотични дестинации расте, а многумина не ја сфаќаат сериозноста на оваа опасна тропска инфекција.

Пациентот починал на Клиниката за инфективни болести во Љубљана, каде бил хоспитализиран по влошување на здравствената состојба. Според словенечките здравствени власти, ова е прв смртен случај од маларија во земјата во последните три децении. 

Лекарите наведуваат дека само во јануари биле примени повеќе пациенти со маларија отколку што вообичаено се регистрираат во текот на цела година. Од петте заболени пациенти, кај тројца се развила тешка форма на болеста и биле сместени на интензивна нега. Според податоците на словенечкиот Национален институт за јавно здравје, заразените претходно престојувале во Руанда, Танзанија и на Занзибар. 

Инфектолозите предупредуваат дека сè поголемиот број туристички патувања кон егзотични дестинации придонесува за пораст на ваквите случаи. Особено е посочен Занзибар, кој последните години станал една од најпопуларните туристички дестинации меѓу европските туристи. 

Маларијата е сериозна паразитска болест што се пренесува преку убод од заразен комарец. Симптомите најчесто вклучуваат висока температура, треска, потење, силен замор и болки во мускулите, а без навремено лекување може брзо да предизвика опасни компликации. Најризични групи се децата, трудниците, постарите лица и луѓето со ослабен имунитет. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс