На денот кога Владо Јаневски требаше да го прослави својот 66. роденден, македонската публика доби можност повторно да го слушне неговиот глас во досега необјавена песна.
Марко Маринковиќ – Слаткаристика вечерва го објави официјалниот видеоспот за „Само да те имам“, заедничка музичка соработка со легендарниот македонски кантавтор, која со години останала необјавена.
Со објавувањето на песната, Слаткар го исполни ветувањето што го даде во јули, непосредно по последното збогување со својот пријател и музички соработник.
Тогаш раперот откри дека со години чувал нивна заедничка песна, чие довршување постојано го одложувал, убеден дека ќе имаат време повторно да работат на неа.
„Ветувам дека ќе ја довршам и ќе ја објавам на неговиот роденден“, напиша тогаш Слаткар.
Музички подарок во спомен на чаирскиот романтичар
Музиката за „Само да те имам“ е дело на Лазар Цветковски и Слаткаристика, додека текстот го потпишува Марко Маринковиќ. За продукцијата, миксот и мастерингот е задолжен Лазар Цветковски, а видеоспотот е изработен од Кристијан Теодоров и Steadyflow.
Во реализацијата на проектот учествувал и Дарко Јовановски, а во официјалната објава е изразена посебна благодарност до Театар Комедија и Драган Божино – Ателје.
Владо Јаневски почина на 28 јуни годинава, на 65-годишна возраст, оставајќи зад себе богат музички опус и стихови со кои израснаа повеќе генерации.
Роден на 27 ноември 1960 година во Скопје, Јаневски беше и првиот македонски претставник на Евровизија, во 1998 година, со песната „Не зори, зоро“.
Речиси пет месеци по неговата смрт, „Само да те имам“ е уште една музичка посвета на човекот чии песни станаа дел од колективната меморија на македонската публика.
