Под пораките „Договорите не се поништуваат“ и „Уметниците не се понижуваат“, културните работници денеска протестираа пред Уставниот суд, предупредувајќи дека евентуалното уривање на Колективниот договор за култура не би било само удар врз еден сектор, туку опасен преседан за сите колективни договори и за сите стекнати работнички права.
Протестот се одржа денеска во 13 часот пред Уставниот суд, во организација на Синдикатот на културата на Република Македонија. Собирот беше најавен и со мотото „Кога гасите уметници – го гасите светлото“, како порака дека културата не смее да се третира како трошок што лесно се брише, ниту културните работници како буџетска ставка без достоинство.
Пред Уставниот суд, СКРМ порача дека ова не е техничко прашање, ниту правна ситница, туку суштинско прашање за тоа дали правото важи еднакво за сите. Во говорот беше нагласено дека Уставниот суд треба да биде последниот штит на правдата и последната линија на одбрана на уставноста и законитоста, но дека правдата не смее да стане симбол на молк, селективност или игнорирање на реалноста.
Културните работници предупредија дека со постапката поврзана со Колективниот договор се испраќа порака дека културата е најлесната мета, дека уметникот може да се обезвреди и дека стекнатите права не се сигурни. Според нив, ако денес падне културата, утре паѓаат сите.


Во фокусот на протестот е загриженоста дека евентуалното уривање или слабеење на Колективниот договор за култура би имало домино ефект, не само врз платите во културните установи, туку и врз целото колективно договарање. За СКРМ, прашањето не е само финансиско, туку институционално: дали потпишаните договори важат или можат да се релативизираат кога ќе станат политички непогодни.
Во говорот беше посочено дека правата на работниците и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори, а работникот има право на плата согласно закон, колективен договор и договор за вработување. Оттаму, синдикатот нагласи дека Колективниот договор има право да го уредува она што е пропишано или не е утврдено со закон, а тоа го гарантираат Уставот, законите, колективните договори и меѓународните трудови стандарди.
СКРМ реагира и на тезите дека Колективниот договор создава „привилегии“. Во говорот беше истакнато дека ако договорот уредува поголеми права од оние предвидени со закон, а тие права се однесуваат исклучиво на работниот однос, тогаш не станува збор за привилегии, туку за права.
„Колективниот договор за култура не е привилегија. Не е бројка во буџет. Тој е резултат на години борба, на преговори, на откажувања. Тоа е договор што ги штити основните работнички права на луѓето кои ја создаваат културата“, порачаа културните работници.


Од протестот беше упатено предупредување дека ако Колективниот договор за култура биде укинат или поништен, тоа нема да остане изолиран случај. Според СКРМ, таквата одлука би можела да стане сигнал дека секој договор е ранлив и дека секое стекнато право може да биде доведено во прашање.
„Ако денес падне Колективниот договор за култура – утре паѓаат сите колективни договори. Денес е културата, утре ќе биде секој друг сектор. Денес се тестира границата, утре ќе нема граници“, беше една од најсилните пораки од протестот.
Културните работници порачаа дека евентуалното укинување или поништување на договорот нема да биде правна нужност, туку политичка одлука донесена на штета на сите вработени во културата. Тие прашаа кој има право да одлучува дека уметникот вреди помалку, кој има право селективно да отвора прашања таму каде што е најлесно и кој има право правдата да ја користи како алатка за кратење.
„Ова не е правда, ова е селективност. Ова не е право, ова е притисок“, порачаа од протестот, додавајќи дека културата предолго се третира како последна на листата и како трошок што треба да се намали.
Во говорот имаше и директна порака до уставните судии. СКРМ порача дека тие не се само толкувачи на правото, туку негови чувари, и дека политиката, притисоците и интересите не смеат да ја заменат уставноста и правдата.
„Правдата нема цена. Но одлуките имаат последици. Чесноста останува. Срамот исто така“, беше порачано пред Уставниот суд.
Протестот доаѓа по претходниот собир пред Министерството за култура и туризам, одржан на 16 април, кога културните работници ги повторија барањата за почитување на Колективниот договор и за продолжување на преговорите со надлежните институции. Иако тогаш беа најавени чекори за откочување на разговорите, синдикалните реакции покажуваат дека довербата останува ниска.
СКРМ на крајот порача дека стекнатите права се изборени, не подарени, и дека држава без култура е празна држава.
„Рацете подалеку од Колективниот договор. Не сме буџетска ставка – туку луѓе. Правдата не е алатка за штедење. Кратење на култура е кратење на идентитет. Без култура нема народ – без народ нема држава“, порачаа културните работници пред Уставниот суд.