Франција предизвика остар дипломатски судир во Европската Унија откако побара руско-узбекистанскиот милијардер Алишер Усманов да биде избришан од листата на санкции. Барањето на Париз, за кое известува Фајненшел тајмс, ги затекна дипломатите во Брисел токму во момент кога Унијата мора да го продолжи пакетот рестриктивни мерки против Москва. Француската влада го користи ова барање како дипломатска карта за ослободување на неколку француски државјани кои моментално се наоѓаат во притвор во Азербејџан.
Барањето за бришење на Алишер Усманов од списокот на казнети лица не е поврзано со војната во Украина. Според дипломатски извори на Фајненшел тајмс, Париз се обидува да постигне билатерален договор со официјален Баку. Азербејџан држи во притвор француски граѓани, а ослободувањето на Усманов се наметнува како дел од тие задкулисни преговори.
Ваквата директна размена на европски санкции за билатерални интереси предизвика револт кај поголемиот дел од членките на Унијата.
Официјален Париз досега важеше за глас кој не попушташе околу казните за руските олигарси. Затоа европските претставници останаа вчудовидени од овој потег. Еден дипломат во Брисел за британскиот весник ситуацијата ја нарече „зачудувачка“.
Француската страна не понудила детално официјално објаснување зошто токму Усманов мора да биде изоставен од пакетот.
„Со ова не само што ќе се награди Русија, туку ќе се награди и практиката на затворање европски граѓани“, предупреди висок дипломат од Унијата.
За да не пропадне целосната одлука за шестмесечно продолжување на рестриктивните мерки против стотици лица и компании, иницијативата на Франција добила поддршка од Италија и Хрватска. Нивниот мотив бил да се најде брз компромис пред да истече законскиот рок за важење на санкциите.
Сепак, најголемиот дел од земјите членки категорично одбиваат да попуштат. Главниот страв во дипломатските кругови е создавање механизам преку кој автократски режими надвор од Европа ќе апсат европски државјани за да издејствуваат правно олеснување за свои сојузници од Кремљ.