Под слоганот „Сите сме исти. И јас и ти“, од 13 до 17 октомври во Скопје ќе се одржи петтото издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“. Претставите ќе се изведуваат во Театарот за деца и младинци, Македонскиот народен театар и Драмскиот театар, а програмата е наменета за деца, млади и возрасни.
Организаторите најавуваат претстави од регионот и Европа, создадени во последните години од професионалци во куклениот, детскиот и младинскиот театар. Во петте фестивалски дена публиката ќе има можност да проследи различни сценски изрази и современи театарски пристапи.
Годинашниот слоган ја истакнува пораката за еднаквост, прифаќање и пријателство. Фестивалот ги става во фокус заедничките чувства и потреби што ги поврзуваат децата, независно од јазикот што го зборуваат, земјата во која живеат или нивниот изглед.
„За човечноста нема граници. За пријателството не е потребен превод. А театарот нè потсетува дека, пред сè, сите сме исти. И јас и ти“, порачуваат организаторите.
Авторка на идејното решение за визуелниот идентитет на петтото фестивалско издание е Бранкица Јордановска.
Официјалната програма со претставите и термините на изведба ќе биде објавена наскоро.