Украина сака прототипот на европскиот систем за противракетна одбрана „Фреја“ да биде подготвен во првата половина на 2027 година, изјави Давид Алојан, заменик-секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина. Според него, целта е за краток рок да биде изработен функционален прототип што ќе ги покаже првите практични резултати.
Проектот официјално беше покренат пред две недели на самит во Париз, на кој учествуваа лидери од десет европски држави, меѓу кои и украинскиот претседател Володимир Зеленски, како и претставници на водечки компании од одбранбената индустрија.
Киев со години зависи од американските системи „Патриот“, кои во моментов се единствените способни сигурно да пресретнуваат руски балистички ракети. Но, испораките се ограничени поради недостиг на залихи, долгото производство и политичките околности, додека Русија ги засили нападите врз украинските градови.
Украина планира да обезбеди лансирен систем и ракета-пресретнувач за „Фреја“, а од европските партнери очекува напредни радари, сензори и технологии за наведување. Во проектот веќе се вклучени компании како „Eurosam“, „Leonardo“, „Thales“, „Saab“ и германскиот производител „Hensoldt“.
Системот „Фреја“ е замислен со отворена архитектура, што ќе им овозможи на државите да комбинираат различни компоненти според сопствените потреби. Според украинските власти, токму оваа флексибилност треба да овозможи побрз развој и пониски трошоци во споредба со постојните системи за противракетна одбрана.