Шведска се откажува од дигиталната училница: ќе издвои милијарди за книги и ќе ги забрани мобилните

По години дигитализација, земјата повторно ги става печатените учебници во центарот на наставата. За три години владата издвои речиси 2,1 милијарди круни за книги, ги ограничи екраните во градинките и воведе задолжително собирање на мобилните телефони во училиштата.

Шведска го менува курсот во образованието по повеќе од една деценија во која дигиталните уреди имаа сè поголема улога во училниците. Од 2023 до 2025 година владата издвои речиси 2,1 милијарди шведски круни за печатени учебници и прирачници за наставниците. Од јули 2025 година градинките во основа треба да бидат без екрани, а од почетокот на оваа учебна година мобилните телефони се собираат на почетокот на училишниот ден во сите основни училишта.

Читањето кај четвртоодделенците падна за 11 поени

Меѓународното истражување ПИРЛС (PIRLS), кое на секои пет години ги мери читачките вештини на учениците од четврто одделение, забележа пад на резултатите во Шведска. Од 555 поени во 2016 година, резултатот се намали на 544 поени во 2021 година. И покрај падот, земјата го задржа седмото место, заедно со Тајван, меѓу 65 учеснички.

Сличен сигнал пристигна и од ПИСА (PISA). Во тестирањето во 2022 година шведските ученици постигнаа 19 поени помалку по читање отколку во 2018 година. Резултатите повторно ја отворија дебатата за влијанието на дигиталните уреди врз учењето, особено затоа што Шведска беше меѓу земјите што рано и интензивно ги воведуваа лаптопите и таблетите во училиштата.

„Дигитализацијата во училиштето беше експеримент“

Пресвртот го најави тогашната министерка за училишта Лота Едхолм. Во декември 2022 година таа објави колумна со наслов „Дигитализацијата во училиштето беше експеримент“, во која предупреди дека образовниот систем премногу се потпира на технологијата. Според неа, секој трет наставник немал пристап до печатените учебници што му биле потребни, па морал сам да печати дополнителни материјали.

Владата побара и стручен преглед од невронаучници и педијатри. Во него беше посочено дека прекумерното потпирање на дигиталните уреди може да влијае врз вниманието и концентрацијата, додека печатените материјали во одредени ситуации можат да бидат поефикасни за учење.

Речиси 2,1 милијарди круни за учебници за три години

Шведската влада издвои 685 милиони круни во 2023 година, 658 милиони во 2024 и 755 милиони во 2025 година за набавка на учебници и прирачници за наставниците. Вкупната сума изнесува 2,098 милијарди круни. За 2026 година и за наредните години се предвидени по 555 милиони круни, а за 2028 година владата најави дополнителни 500 милиони.

Покрај финансиската поддршка, промената доби и законска основа. Од 1 јули 2024 година, шведскиот Закон за училиштата експлицитно утврдува дека учениците мора да имаат пристап до учебници и други наставни средства.

Градинките во основа без екрани

Од 1 јули 2025 година стапија во сила измените на програмата за предучилишно воспитание, со кои се предвидува градинките во основа да функционираат без екрани за децата. Наместо времето пред дигиталните уреди, поголем акцент се става на книгите, читањето и физичката активност. Со ова се напушти претходната програмска насока, која предвидуваше секое дете да користи дигитални алатки.

Промената, сепак, не наиде на едногласна поддршка. Синдикатот Сверијес Лераре (Sveriges Lärare) предупреди дека дигиталните алатки можат да бидат особено корисни за децата со попреченост и за оние на кои шведскиот не им е мајчин јазик. Оттаму сметаат дека нивното ограничување не треба да ги занемари различните потреби на децата.

Мобилните телефони се собираат на почетокот на денот

Со почетокот на оваа учебна година стапи во сила национална задолжителна забрана за мобилни телефони во основните училишта. Уредите се собираат на почетокот на училишниот ден, а на учениците им се враќаат на крајот. Мерката ги опфаќа и подготвителното одделение и продолжениот престој.

Министерката за образование Симона Мохамсон изјави дека очекува забраната да го намали немирот во училниците. Но, шведскиот ученички совет има поинаков став. Неговата претседателка Агнес Тел ја оцени мерката како ограничување на слободата на учениците, наведувајќи дека советот ја поддржува забраната за време на часовите, но не и за време на одморите.

Според шведската телевизија ТВ4, осум од десет основни училишта ги собирале телефоните уште пред националната забрана. Училишната инспекција, пак, утврдила дека за недозволено користење дигитални уреди учениците најчесто ги користат училишните компјутери и таблети. Тоа отвора прашање дали отстранувањето на мобилните телефони е доволно ако другите екрани и понатаму се достапни.

Дали за падот на читањето се виновни само екраните?

Падот на резултатите по читање не може да се објасни само со употребата на технологијата. Меѓу факторите што ги наведуваат експертите се и пандемијата и зголемениот број ученици мигранти на кои шведскиот не им е мајчин јазик. Технолошкото здружение ТекСверије (TechSverige), исто така, предупредува дека печатените и дигиталните материјали не треба да се третираат како меѓусебно исклучиви.

Во јуни 2026 година шведскиот парламент расправаше за нови наставни програми. Пратеникот на Христијанските демократи Матијас Бенгтсон изјави дека аналогните методи треба да бидат појдовна точка, а дигиталните алатки да се користат повнимателно.

Шведскиот пример покажува дека воведувањето технологија во образованието не е само прашање на модернизација, туку и на тоа дали таа навистина придонесува за подобро учење. Земјата што некогаш беше меѓу пионерите на дигиталната училница сега се обидува да најде нова рамнотежа меѓу книгите, екраните и потребите на учениците.

Во Македонија за мобилните одлучуваат општините

Во Македонија, прашањето за мобилните телефони во училиштата досега се решаваше и на локално ниво. Советите на општините Аеродром и Центар донесоа препораки за забрана на телефоните од почетокот до крајот на наставата, а училишните одбори ги прифатија. Општина Центар соопшти дека мерката се применува во сите осум основни училишта на нејзината територија и дека е првата општина во државата со ваква забрана.

Министерката за образование Весна Јаневска изјави дека училиштата се под надлежност на општините, па одлуките ги носат локалните власти во соработка со директорите. Наставникот одлучува дали телефонот може да се користи за време на часот, а Јаневска посочи дека најнапред треба да се анализираат резултатите од мерките за одземање на телефоните.

Дебатата во Шведска покажува дека прашањето не е само дали мобилните телефони треба да бидат забранети. Подеднакво важно е како се користат дигиталните алатки, какви материјали имаат на располагање наставниците и што навистина им помага на учениците да читаат, да разбираат и да учат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс