Шведски авиони и воени бродови ќе ја чуваат Финска

Шведска ќе испрати борбени авиони „Грипен“ и воен брод од типот корвета во Финска, каде што ќе учествуваат во надзорот и заштитата на финската територија. Мисијата ќе трае најмалку до крајот на 2026 година, соопштија финските одбранбени сили.

Одлуката е донесена по барање на Хелсинки поради влошената безбедносна состојба и зачестените инциденти со беспилотни летала во близина на северните граници на НАТО.

„Грипените“ ќе го зајакнат воздушниот надзор

Шведските авиони првенствено ќе бидат ангажирани во воздушниот надзор, со што дел од финските воени капацитети ќе бидат ослободени за реакција при нарушување на воздушниот простор или други безбедносни инциденти.

Покрај борбените авиони, Шведска ќе испрати корвета опремена со системи за откривање и неутрализирање дронови. Доколку се појави потреба, може да бидат распоредени и копнени противдронски системи.

Бројот на авиони и војници што ќе учествуваат во мисијата засега не е објавен.

„Шведска одговори на барањето на Финска да ја зајакне нејзината воздушна одбрана поради влошената безбедносна состојба“, изјави шведскиот министер за одбрана Пол Јонсон.

Според него, шведските сили ќе можат да ѝ помогнат на Финска и при одбивање евентуални нарушувања на нејзината територија.

Заедничка одбрана на границата со Русија

Финска има граница со Русија долга околу 1.340 километри. Во последниот период во воздушниот простор на Финска и балтичките држави беа регистрирани повеќе инциденти со воени дронови поврзани со војната во Украина.

Дел од беспилотните летала што биле насочени кон цели во Русија отстапиле од планираната маршрута и навлегле во воздушниот простор на членки на НАТО, предизвикувајќи безбедносни предупредувања и привремени ограничувања во цивилниот воздушен сообраќај.

Финска стана членка на НАТО во април 2023 година, а Шведска во март 2024 година. Двете држави веќе имаат развиена билатерална одбранбена соработка, а новата мисија ќе биде координирана и со командните структури на Алијансата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс