Швајцарија по пенал-драма ја елиминира Колумбија и закажа четвртфинале со Аргентина

Швајцарија е последниот четвртфиналист на Светското првенство, откако по 120 минути без голови ја совлада Колумбија со 4:3 на пенали. Следен ривал е Аргентина.

Фудбалската репрезентација на Швајцарија го комплетираше списокот на четвртфиналисти на Светското првенство во САД, Канада и Мексико, откако по вистинска драма ја елиминира Колумбија со 4:3 на пенали. Натпреварот во Ванкувер заврши без голови и по регуларните 90 минути и по продолженијата.

Во првото полувреме двете селекции играа претпазливо, со цврсти одбрани и мал број сериозни шанси. Колумбијците се заканија преку Пуерта и Луис Дијаз, додека Швајцарците се обидоа преку Ендој и Ридер, но мрежите останаа мирни. По паузата, Швајцарија ја презеде иницијативата и создаде поголем притисок, но Колумбија успешно се бранеше и повремено возвраќаше со опасни контранапади. И покрај неколкуте добри можности на двете страни, ниту еден тим не успеа да го скрши отпорот на противникот.

Во продолженијата најблиску до победа беше Колумбија, но голманот Грегор Кобел со неколку одлични интервенции ја спаси Швајцарија. Најголемата можност ја пропушти Хуан Кампаз, кој не успеа да ја искористи големата грешка на Гранит Џака. Победникот беше решен по изведувањето пенали, каде што Швајцарците беа посмирени и поконцентрирани, славејќи со 4:3.

Со овој триумф, Швајцарија обезбеди место меѓу осумте најдобри селекции на турнирот, каде што ќе се соочи со Аргентина во борба за пласман во полуфиналето.

е-Трн да боцка во твојот инбокс