Швајцарските граѓани на денешниот референдум убедливо ја одбија иницијативата со која се бараше значително построго дефинирање на неутралноста на земјата. Според конечните резултати, 70,2 отсто гласале против промената на Уставот, а ниту еден кантон не ја поддржал иницијативата.
Иницијативата „Заштита на швајцарската неутралност“ предвидуваше во Уставот да се внесе принципот на „вечна и вооружена“ неутралност. Тоа би значело дека Швајцарија не би можела да се приклучи кон воен или одбранбен сојуз, ниту да соработува со таков сојуз, освен во случај на напад врз земјата или непосредна закана од напад.
Предлогот исто така предвидуваше Берн да не учествува во воени конфликти меѓу трети држави и да не воведува санкции против држави што се вклучени во конфликт. Исклучок би имале санкциите на Обединетите нации и мерките за спречување заобиколување на санкциите.
Иницијативата ја поддржуваше Швајцарската народна партија, која смета дека досегашната политика ја нарушила традиционалната неутралност на земјата, особено откако Швајцарија ги усвои санкциите на Европската Унија против Русија по почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година. Владата и мнозинството политички партии беа против предлогот, предупредувајќи дека построгото уставно ограничување би го намалило просторот на Швајцарија за меѓународна безбедносна соработка.
Според актуелната швајцарска политика, неутралноста останува основен принцип на државата, но тоа не ја спречува Швајцарија да соработува со други земји за зајакнување на сопствената безбедност или да учествува во санкциски режими. Неутралноста е запишана во швајцарскиот Устав од 1848 година.
Резултатот од денешното гласање значи дека не доаѓа до предложената уставна промена и дека останува досегашниот модел на швајцарска неутралност.