Што се чува во арктичкиот „сеф на судниот ден“?

Сефот „на судниот ден“ е изграден за да издржи земјотреси и нуклеарни удари.

Длабоко во Арктичкиот круг, помеѓу Норвешка и Северниот Пол, се наоѓа објект од клучно значење за иднината на човештвото – банка на семиња која ги чува генетските резерви на растенијата од целиот свет.

Најголемата светска банка на семиња

Норвешкиот архипелаг Свалбард, лоциран во Арктичкиот Океан, е дом на најголемата светска банка на семиња. Иако вакви банки постојат на различни места ширум светот, оваа е најголема и најпозната.

Бидејќи некои банки на семиња се наоѓаат во земји изложени на природни катастрофи и конфликти, во 2008 година беше одлучено да се изгради безбеден трезор на оваа изолирана група острови, кој би останал недопрен дури и во случај на глобална криза или војна.

Целта на банката е да ги зачува семињата за иднината – доколку одредени растенија исчезнат од некој регион, нивните резерви ќе можат повторно да се обноват. Во суштина, Свалбард може да се замисли како „надворешен хард-диск“ што содржи резервни копии од најважните земјоделски култури.

Иако банката се наоѓа на територија на Норвешка, правата врз неа ги имаат земјите што ги испраќаат семињата, како и разни институции ширум светот.

Зошто токму Свалбард?

Наједноставниот одговор е – поради студот. Трезорот е изграден на островот Шпицберген, во близина на градот Лонгјербиен. Локацијата е избрана поради идеалните климатски и геолошки услови за складирање на семињата.

За да останат во добра состојба, семињата мора да се чуваат на ниски температури, бидејќи тоа го забавува нивното стареење. Покрај тоа, теренот во Свалбард е лесно достапен и има сигурен извор на електрична енергија.

Таму владее пермафрост – почва која останува замрзната најмалку две години. Тоа значи дека температурата никогаш не се зголемува над 3,5°C, што дополнително ја штити банката. Освен тоа, самата зграда е вкопана во стабилна карпа што има низок степен на радијација.

Дури и ако нивото на морето порасне поради климатските промени, банката ќе остане безбедна, бидејќи е изградена на 130 метри надморска височина и длабоко во карпата.

Што се складира во трезорот?

Главно, тоа се семиња од најважните земјоделски култури, кои се клучни за безбедноста на храната и одржливото земјоделство. Тие се чуваат на -18°C, во специјални пакувања со малку кислород, што ја забавува нивната метаболичка активност и спречува предвремено ‘ртење.

Нови примероци во банката

Оваа недела, банката на семиња доби повеќе од 14.000 нови примероци, меѓу кои се и семиња од нордиски дрвја од Шведска и ориз од Тајланд.

„Семињата што пристигнаа оваа недела не претставуваат само биолошка разновидност, туку и знаење, култура и отпорност на заедниците што ги чуваат“, изјави Штефан Шмиц, извршен директор на Crop Trust – меѓународна непрофитна организација со седиште во Бон, чија мисија е зачувување на глобалната разновидност на културите за осигурување на идната безбедност на храната.

Арктичката банка на семиња има капацитет од 2,5 милијарди семиња, а до мај минатата година содржеше над 1,3 милиони сорти од речиси сите земји во светот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс