Search

Што претставува Осми март за мене?

Кога бев мала овој датум го перцепирав како датум каде што треба да се купи нешто за жените во мојот живот за да им покажеме дека ги сакаме. Но, како што поминува времето се чувствувам дека луѓето не ја сфаќаат суштината на овој датум. Не е потребно да се преку-компензира со најскапите подароци, потребно е да не сме намерно слепи и да вртиме поглед на неправдините кои жените ширум светот ги доживуваат.

Тргнувајќи од тоа дека луѓе кои не ја поседуаат нашата анатомија создаваат права и закони за истата. Дека немаме лично јас над нашите тела и избори. Дека секогаш го извлекуваме подебелиот стап од последиците на делата кадешто и мажите имале улога.  Фактот дека на хартија сите велат дека сме еднакви со машкиот пол е илузија создадена за на некој начин не замолчат. Нема еднакви работни можности, едукации, високи и влијателни позиции. Психо-физичкото и економското насилство кое е насекаде околу нас. Тоа дека насилниците се повеќе заштитени од жртвите, па да видите кои се постапките и пристапноста на институциите, ќе разберете зошто многу жени остнуваат и постепено изумираат. Дека во глобала е оставено на нас да работиме, па после работа да одиме сите во домот, да готвиме, чистиме, средуваме, да ги описменуваме децата, да памтиме се што мажите ќе заборават, притоа во сево ова да не се жалиме и да изгледаме убаво, ама не преубаво за да не изгледаме и да не сме нарекувани спонзоруши, не прелошо, инаку кој ќе не сака такви… и повторно некој ќе дофрли и ќе каже… ,, па пред стотина години пола и повеќе од работите кои можете слободно да ги правите не сте можеле, што се жалите? Што повеќе ви даваме, уште повеќе не сте задоволни.‘‘

И гледајќи наназад низ времепловот на годините и моите предци, разбирам дека премногу толерирале и молчеле, од многу причини, од причината што ќе кажат другите, па каде да одам со децата немам доволно средства, јас сум го бирала сега треба да го толерирам до крајот на животот, сепак кажавме до крајот на животот, нели?  Ама кажавме дека и се ќе биде поделено, дека бракот не треба да е создаден пекол или кафез во кој што сте затворени и несреќни. Сега се гордеам дека мајка ми не толерирала, не останала и покрај се секојдневно си гради нов и подобар живот и ни покажува на мене и на сестра ми зошто некогаш е подобро да се тргнеш и кажеш ,, не, доста е‘‘!

Затоа што и ние сме живи битија и не сме ставени на земјата за да бидеме патилици. Нашето мислење и труд се подеднакво важни како и на мажите. Дека не треба да сме само видени туку разбрани, слушнати и прифатени.

Борете се за жените околу вас кои се трудат да го направат светот поубав со сите нивни дела.

Среќен осми март до сите жени ширум светот!

И мириса на рози… на зумбули и орхидеи… Блеска скап накит… Се гушкаат жените, мајките… Се пие во кафаните… И гледам излози со огромни реклами 50% попуст на женската колекција само на 8 ми март, плати едно земи две…

А Мирисаше Њујорк далечната 1911 на изгорени тела. Изгорени женски тела… 140 жени тогаш изгореа во текстилна фабрика. И мирисаше на пот на протестите и на сите револуции. И се жртвуваа жените за своите права. Ќе заборавиме ли?

А требаше денот да е одбележување на борбата на жената за граѓански, политички, економски и социјални права патем загарантирани, за целосна родова еднаквост. Нели човековите права се и женски права? А ги имаме ли во целост?

И славете и купете подарок и уживајте и марширајте и говорете јавно за женските предизвици и нееднаквоста и дискриминацијата и за “послабиот пол” и за “вториот пол”, за улогата на жената во општеството и семејството, но не заборавајте и не молчете, не ја губете свеста и не бегајте од реалноста. Не се откажувајте од борбата за вистинска еднаквост, за правичност. Погледнете ги статистиките, размислете. Присетете се и заблагодарете им се на Клара Цеткин, на Роза Луксембург, Александра Колонтаи, Ковачката Рози и на уште многу Рози, Марии, Александри…

Помислете сега многу жени немаат работа, не се образувани, не знаат дури ни да пишуваат, живеат во шелтер центри бидејќи некој им ја треснал вратата од нивниот дом, се силувани, тепани омаловажувани, злоупотребувани, дискриминирани бидејќи се жени. Не престануваме, борбата продолжува. Долг е патот.

Среќен 8 ми март.

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни