Анализата на Народниот правобранител покажува дека од 2020 до 2025 година се евидентирани 604 деца жртви, а институциите мора да обезбедат побрза, покоординирана и посензитивна заштита.
Сексуалната злоупотреба на деца останува една од најтешко препознатливите форми на насилство, најчесто поради страв, срам, недоверба и молк кај жртвите. На ова предупреди Васка Бајрамовска-Мустафа од канцеларијата на Народниот правобранител, презентирајќи ја најновата анализа за состојбата во Северна Македонија.
Анализата е изработена во рамки на проектот „ЕУ владеење на правото“, со поддршка на Европската Унија, и го опфаќа периодот од 2020 до 2025 година. Во документот се разгледуваат правната рамка, институционалниот одговор и главните предизвици во заштитата на децата, со посебен фокус на ранливите категории.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи, од 2020 до 2024 година биле регистрирани 508 случаи на сексуална злоупотреба на деца, а во 2025 година уште 96 жртви. Вкупно, за шест години се евидентирани 604 деца жртви, што укажува на сериозен и континуиран проблем.
Податоците покажуваат дека најголем дел од жртвите се девојчиња, односно 90 проценти, додека 10 проценти се момчиња.
Бајрамовска-Мустафа нагласи дека проблемот не завршува со пријавувањето. Напротив, институционалниот одговор често е некоординиран и недоволно прилагоден на потребите на детето. Затоа, како што посочи, потребен е систем што ќе обезбеди навремена, ефективна и сеопфатна заштита, со детето во центарот на секоја постапка.
Меѓу клучните препораки од анализата се доследна примена на законските гаранции за еднократно сослушување на детето, отворање специјализирани простории прилагодени за деца низ државата и континуирана обука за сите професионалци кои работат со деца.
Се препорачува и обезбедување долгорочна психосоцијална поддршка за жртвите и нивните семејства, бидејќи последиците од вакви случаи не завршуваат со судската постапка.
Особено се истакнува потребата од воведување на моделот Барнахус, меѓународно признат пристап што ги обединува правните, психолошките и здравствените услуги на едно место. Целта е детето да не биде изложено на повторувачки и дополнително оптоварувачки постапки, туку да добие заштита во безбедна и прилагодена средина.
Анализата заклучува дека без суштински реформи, подобра координација и институционален пристап насочен кон детето, жртвите ќе продолжат да се соочуваат со недоволна заштита и поддршка.