Сегрегација на децата Роми во Македонија!

фото: Ванчо Џамбаски

Во соопштение до медиумите, Хелсиншкиот комитет за човекови права соопштува дека Основниот граѓански суд утврди сегрегација на децата Роми во образовниот процес. Следи интегрален текст на соопштението на Хелсишнкиот комитет.

Основниот граѓански суд во Скопје утврди дека Владата на Република Северна Македонија, Министерство за образование и наука (МОН), Министерството за труд и социјална политика (МТСП), Министерството за здравство (МЗ), Државниот просветен инспекторат (ДПИ), Општина Битола и Општина Штип сториле дискриминација – сегрегација на децата Роми во образовниот процес.

Судот утврди дека дискриминацијата – сегрегацијата на децата Роми, ја сториле:

–    Владата, МОН, Општина Битола и Општина Штип со непреземање, односно, пропуштање да преземат активности за уредување на начинот на реонизација со цел избегнување на можна сегрегација.

–  Владата, МОН и ДПИ со непреземање, односно, пропуштање да преземат дејствија за контрола на одлуките за реонизација донесени од Општина Битола и Општина Штип; за начинот на спроведување на одлуките за реонизација во пракса; за начинот на запишување на деца Роми во училиштата.

–   Владата, МОН, ДПИ, Општина Битола и Општина Штип со непреземање, односно, пропуштање да преземат активности за рамномерно и соодветно распоредување на учениците Роми со другите етнички заедници во паралелките; не презеле односно пропуштиле да преземат активности за процес на десегрегација во училиштата каде постојат сегрегирани паралелки со деца Роми; не презеле односно пропуштиле да преземат активности за санкционирање на актите на дискриминација сторени од основните училишта.

–  Владата, МОН, МТСП и МЗ со непреземање, односно, пропуштање да преземат дејствија за носење законски и подзаконски акти за детално уредување на начинот на категоризација на децата со посебни потреби, посебно децата Роми; не презеле, односно, пропуштиле да преземат дејствија за носење законски и подзаконски акти за детално уредување на составот на Комисиите и процедурата за ревидирање на нивните одлуки; не презеле, односно, пропуштиле да преземат дејствија за рекатегоризација на несоодветно категоризираните деца Роми кои учат во специјалните училишта.

–     Владата, МОН, МТСП, МЗ, ДПИ, Општина Битола и Општина Штип со непреземање, односно, пропуштање да преземат дејствија за едукација на сите чинители во образовниот систем и родителите на децата со цел полесно препознавање и борба против актите на дискриминација.

Судот ги задолжи сите тужени органи да ги преземат сите потребни дејствија за десегрегација на децата Роми во образовниот систем и да ги преземат сите дејствија за рекатегоризација на децата Роми кои учат во специјалните училишта. Дополнително, Судот ги задолжи тужените да ја објават во медиумите изреката на оваа пресуда, во пристапен формат, во рок од 15 дена по приемот на пресудата.

Основниот граѓански суд ја донесе оваа пресуда откако Хелсиншкиот комитет за човекови права, преку адвокат Павлина Зефиќ, на 1 февруари 2021 година поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес (actio popularis). Постапката беше водена во рамки на проектот „Поддршка на Северна Македонија во унапредување на владеењето на правото и човековите права”, кој Хелсиншкиот комитет за човекови права во 2020 година го спроведуваше со Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Тужби за заштита од дискриминација од јавен интерес (actio popularis)

Тужбите за заштита од дискриминација од јавен интерес се новина во Законот за спречување и заштита од дискриминација, предвидени во членот 35. Имено, здруженија, фондации, синдикати или други организации од граѓанското општество и неформални групи кои имаат оправдан интерес за заштита на интересите на одредена група или во рамките на својата дејност се занимаваат со заштита од дискриминација, можат да поднесат тужба, ако направат веројатно дека со постапувањето на тужениот се дискриминирани поголем број лица. Oд доставените податоци со тужбата, Основниот граѓански суд Скопје утврди дека Хелсиншкиот комитет е активно легитимиран да поведе постапка за спречување и заштита од дискриминација, согласно неговиот мандат.

Дискриминација на децата Роми во образовниот процес

Клучниот проблем којшто Хелсиншкиот комитет за човекови права го лоцира од прибраните податоци е системската дискриминација и сегрегацијата на децата Роми во образованието. Уште во 2009 година преку месечен извештај ја информиравме јавноста за случај на сегрегација на етничките заедници во образовниот процес во Струга, а дополнително ја поведовме и првата постапка пред Комисијата за заштита од дискриминација во врска со сегрегација на деца Роми во основното училиште „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола. Конкретно, во 2017 година известивме за случај на говор на омраза во основното училиште „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола, каде постојат сегрегирани паралелки на ученици Роми и каде што на објектот на училиштето биле испишани графити со содржини како „Смрт за Ѓупци“, „Умрете ѓупци“. Поради тоа, апелиравме училиштето да ги отстрани графитите и ги повикавме надлежните органи да поведат соодветна кривична постапка.

За сегрегацијата како форма на дискриминација врз децата Роми во образовниот процес, конкретно во општините Штип и Битола, говорат бројни истражувања, извештаи и документи издадени и објавени изминативе години, опишани во нашата тужба од јавен интерес:

–   Народниот правобранител уште во 2010 година утврдил дека децата Роми најчесто се запишуваат во посебните – специјални училишта по инсистирање на нивните родители, за тие да не останат надвор од образовниот процес. Понатаму, лоциран е недостаток при категоризацијата на децата, бидејќи не се врши во соработка со тимот од училиштата каде се школуваат децата со попреченост, па потребна е правилна опсервација на децата од страна на стручен тим (психолог, социјален работник и дефектолог). Народниот правобранител дава јасна препорака за спречување на сегрегацијата на децата Роми со нивно упатување во посебни училишта за деца со попреченост и покрај фактот дека истите немаат интелектуална попреченост, а тоа е формирање на посебна комисија за издавање на наод и мислење за попреченоста кај децата. Народниот правобранител дава препорака и за формирање на комисија од повисок степен која ќе ги разгледува издадените првостепени наоди.

–  Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во 2014 година спроведува „Истражување за сегрегација на децата Роми во образовниот процес (Истражувачки извештај)“, во кое се потенцира фактот дека постои несразмерно висок процентот на деца Роми кои учат во посебните училишта, посебните паралелки во редовните училишта или во паралелки во редовните училишта но по посебни програми.

–   Фондацијата Отворено општество Македонија, во своето истражување „Сегрегација на Ромите во образованието во Република Македонија“ како главен причинител за сегрегацијата во образовниот процес на децата Роми го наведува неспроведувањето на одлуката за реонизација, што води кон повлекување на учениците од други етнички заедници од училиштата каде Ромите се со повисок процент, што понатаму води и кон гетоизација на Ромите. Освен одвојувањето на децата Роми во посебни одделенија, авторот посочува и уште еден облик на сегрегација над деца Роми, односно нивнот запишување во специјализирани училишта и покрај тоа што кај нив отсустува интелектуална попреченост.

–    Во 2015 година Народниот правобранител утврдил дека во ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола постојат чисто етнички паралелки на деца Роми. Народниот правобранител, констатирал дека на територија на Општина Штип, најголем број на деца Роми како првачиња се запишани во ОУ „Гоце Делчев“. Според Народниот правобранител, постои проблем при формирањето на паралелките на ученици во прво одделение, односно нерамномерно распоредување на ученици Роми со ученици од други етнички заедници. Во одредени училишта се создадени чисто етнички паралелки со деца Роми поради одбивање на родителите кои не се од Ромска етничка припадност да ги запишат своите деца во училишта според одлуката за реонизација.

–    Здружението на граѓани „Институт за човекови права“ и Европскиот центар за правата на Ромите од Будимпешта, спровеле истражување во октомври 2016 година, за сегрегација на Ромите во основното образование. Тие спровеле и емпириско истражување во следниве општини: Битола, Штип, Гази Баба, Ѓорче Петров и Куманово. Од сите општини, предмет на анализа, заклучок на авторите е дека најголем проблем со сегрегација во основното образование на деца Роми, има во Општина Битола и Општина Штип. Според авторите на спроведеното истражување, проблемот со сегрегацијата е системски и се јавува како резултат на непочитување, односно злоупотреба на одлуката за реонизација. Дополнителни причини за оваа појава може да се бараат и во предрасудите и стереотипите за ромската заедница, како и непрепознавањето на овој облик на дискриминација од страна на заедницата, што пак оневозможува сегрегацијата да биде спречена. Според резултатите сегрегација во континуитет може да се забележи особено во општина Битола и Штип.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни