Самра Лучкин за балканската филмска сцена: Не е дека не знаеме да направиме филм, туку немаме пари

Во разговор воден за време на фестивалот во Херцег Нови, Самра Лучкин од „We Balkans“ зборуваше за улогата на европските фондови во развојот на филмската индустрија на Балканот, но и за тоа зошто младите режисери и продуценти мора да се поврзуваат надвор од националните граници.
фото: screenshot N1

На Балканот талентот не недостасува, но често недостигаат услови тој талент да стане филм. Националните фондови се ограничени, продукцијата е скапа, а младите автори неретко поминуваат години во потрага по средства за своите проекти. За тоа, но и за можностите што ги отвораат европските фондови, културната размена и регионалното поврзување, разговаравме со Самра Лучкин од „We Balkans“, за време на фестивалот во Херцег Нови.

Самра Лучкин е новинарка и експерт за стратешки комуникации со повеќе од три децении искуство во медиумите, комуникациските стратегии и кампањите во Босна и Херцеговина и пошироко во Западен Балкан. Лучкин дипломирала новинарство во Сараево, а професионално се усовршувала во Лондон, вклучително и преку BBC. Новинарската кариера ја започнала во „Oslobođenje“ и „Omladinski program“, а за време на војната работела и со меѓународни медиуми, меѓу кои CNN и јапонскиот „Yomiuri Shimbun“.

Подоцна се посветила на развојот на медиумите и стратешките комуникации, работејќи на проекти поддржани од ЕУ, ОН и САД. Денес е дел од тимот на WeBalkans, каде што е координаторка на кампањи и менаџерка за стратешки комуникации, а токму преку оваа работа активно учествува во комуникацијата на европската поддршка за културата, креативните индустрии и младите во Западен Балкан.

Во разговорот за Трн таа објаснува дека европската поддршка не се однесува само на финансирањето филмови, туку и на создавањето мрежа во која младите автори можат да се поврзат, да разменуваат идеи и да најдат партнери за своите идни проекти.

Поддршката не е само за филмовите

„ЕУ со тебе“ е комуникациска кампања на „We Balkans“, иницијатива поврзана со европските програми за поддршка на регионот. Според Лучкин, целта е да се покаже дека европската поддршка не завршува со фестивалите, туку опфаќа и филмска продукција, дистрибуција и пошироко, креативните индустрии.

„Се обидуваме особено интензивно да ја комуницираме поддршката на Европската Унија, не само за фестивалите, туку и за филмската продукција, дистрибуцијата и креативните индустрии. Најчесто ја истакнуваме улогата на „Креативна Европа“ и фондовите што им овозможуваат на уметниците од целиот регион да работат на креативни проекти и филмови. Таа поддршка помага да се зајакнат и филмската индустрија и целиот систем на продукција и дистрибуција на филмови“, вели Лучкин.

Според неа, „Креативна Европа“ не е само фонд за еден филм или еден проект, туку простор за поврзување на различни делови од културниот и креативниот сектор.

„Креативна Европа има повеќе сегменти како медиуми, култура и други области. Целата таа културна размена и културна сцена на некој начин се поддржани преку програмата. Но, важно е и општеството да има многу повеќе слух за културните и уметничките проекти, за културната размена и за работата со младите“, вели таа.

Од студент по режија до искусен продуцент

Токму младите автори се една од темите што Лучкин ги издвојува како особено важни.

На Балканот, вели таа, потребата од европско и регионално поврзување постои без оглед на тоа дали станува збор за студент кој допрва ја запишал режијата, млад режисер кој штотуку дипломирал или искусен професионалец кој веќе има филмови зад себе.

„Без оглед на тоа дали сте студент кој штотуку запишал режија, режисер кој неодамна дипломирал или човек кој веќе долго време е во продуцентските и режисерските води, сите на некој начин се потпираат на „Креативна Европа“. Сите сакаат да се поврзат, да разменуваат идеи и да создаваат проекти со кои можат да аплицираат за фондови. Тоа поврзување е особено важно за регионот“, вели Лучкин.

„Нетворкингот е еден од најважните сегменти“

Разговорот со Лучкин го водевме токму во момент кога на фестивалот во Херцег Нови се создаваше таков простор за поврзување. На фестивалот се одржувале активности и работилници за млади уметници и филмски работници, со цел тие да се запознаат со луѓе од регионот и да создадат контакти што можат да им бидат важни во иднина.

„На нашиот прв настан на фестивалот во Херцег Нови разговаравме за продукциите и за соработката меѓу младите режисери. Имаше луѓе од Словенија и од Црна Гора и разговаравме со луѓе кои веќе се дел од индустријата. Но, младите кои се со нас овде допрва треба да станат дел од таа индустрија“, објаснува Лучкин.

Токму затоа, според неа, нивното запознавање со луѓе од различни земји е многу повеќе од обично дружење.

„Нетворкингот, односно умрежувањето, е многу важен сегмент од оваа индустрија. Ги поврзуваме младите со други луѓе за да можат утре, преку тие контакти и преку мрежата што ја создале овде, да го продолжат својот пат. Понекогаш токму еден контакт може да биде разликата меѓу проект кој ќе остане само идеја и проект кој ќе стане филм“, вели таа.

„Осум и пол години барам пари, а година и пол продуцирам филм“

Лучкин раскажува и една реченица што ја слушнала од филмски автор, а која според неа најдобро ја опишува реалноста со која се соочуваат дел од режисерите и продуцентите во регионот.

„Еден режисер ми кажа: ‘Кога ме прашуваат зошто произведувам филм само еднаш во десет години, не е затоа што не знам да направам филм, туку затоа што осум и пол години барам пари, а година и пол продуцирам филм.’ Тоа многу добро ја покажува реалноста со која се соочуваат луѓето во индустријата“, раскажува Лучкин.

А токму тука, додава таа, регионалните мрежи можат да направат голема разлика.

„Тој човек ми кажа дека без мрежата, без тоа поврзување со луѓе од целиот регион, сето тоа би било далеку потешко. Неговата реченица всушност го рефлектира она за што зборуваме овде – не е доволно да имате талент и идеја, потребно е да знаете со кого можете да ја реализирате и каде можете да ја најдете поддршката“, вели таа.

Филмската индустрија како дел од економијата

За Лучкин, инвестицијата во културата не треба да се гледа како нешто одвоено од економскиот развој. Филмот, фестивалите и креативните индустрии создаваат работа, поврзуваат пазари и носат луѓе и идеи преку границите.

„Без култура и без филмска уметност нема ни економски развој во еден дел од општеството. Филмот е важен за економскиот развој, за достоинството на една земја и за нејзиниот креативен живот. Затоа е важно да се зборува за поддршката и за можностите што ги нудат европските програми“, вели Лучкин.

Таа нагласува дека „We Balkans“ не е фонд кој директно ги финансира филмовите, туку иницијатива која сака да ги приближи информациите за постојните можности до луѓето кои можат да ги користат.

„Ние немаме фондови што ги даваме директно, но укажуваме на можностите што ги нуди „Креативна Европа“ и на другите програми што постојат за Западен Балкан. Нашата улога е да покажеме каде се можностите и колку таа поддршка може да биде важна за развојот на потенцијалите на регионот“, вели Лучкин.

Од Херцег Нови кон следниот филм

Токму затоа фестивалите денес не се само места каде што се прикажуваат завршени филмови.Тие стануваат места каде што можат да се создадат идните филмови – преку средби, работилници, разговори и контакти меѓу луѓе кои можеби никогаш не би се запознале без ваквите регионални настани.

Разговорот со Самра Лучкин го водевме за време на фестивалот во Херцег Нови, каде што младите уметници и филмски работници токму преку вакви активности добиваат можност да се запознаат со колеги од регионот. А можеби токму некој од тие разговори, контакти и идеи утре ќе биде почетокот на следниот балкански филм.

е-Трн да боцка во твојот инбокс