Салмонела повторно се шири низ Европа: Kаде има најмногу случаи?

Бројот на инфекции расте од 2020 година, а само од мај 2025 до август 2026 година биле потврдени 341 случај во повеќе европски земји

Салмонелата повторно предизвикува загриженост во Европа, со раст на бројот на инфекции во последните години и големи епидемии поврзани со храна. Само во периодот од мај 2025 до август 2026 година биле регистрирани 341 потврден случај, покажуваат најновите податоци на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC).

Речиси половина од овие случаи биле пријавени од мај 2026 година, што дополнително укажува на засиленото ширење на инфекцијата. Најголем број случаи во наведениот период биле регистрирани во Обединетото Кралство, 207, а потоа следуваат Холандија со 106, Белгија со 15, Германија со шест, Франција со четири, Австрија со два и Данска со еден случај.

Во меѓувреме, Велика Британија го зголемила бројот на пријавени случаи на вкупно 474, додека истрагата за причините за ширењето сè уште трае. Според досегашните наоди, се претпоставува дека дел од заразените се разболеле по консумирање храна во ресторани, а не од јајца подготвени дома.

Рекордна епидемија во Белгија

Состојбата во Белгија е дополнително влошена по неодамнешната епидемија поврзана со консумирање јајца. Во август повеќе од 300 луѓе се разболеле, што претставува најголема регистрирана епидемија на салмонела во земјата. Овие случаи сè уште не се вклучени во бројката од 15 случаи што ECDC ги навел за Белгија во периодот опфатен со анализата.

Во последните месеци, салмонела била поврзувана и со други прехранбени производи, меѓу кои тестенини, јајца и семки од тиква.

Кои земји имаа најмногу случаи во 2024 година?

Податоците за 2024 година покажуваат дека Германија, Франција и Шпанија биле меѓу најпогодените земји во Европската Унија. Германија пријавила 12.316 случаи, Франција 12.308, а Шпанија 11.248 случаи. На спротивниот крај се Кипар со 80 случаи, Естонија со 103 и Малта со 164 случаи.

Разликите меѓу земјите делумно може да се должат и на разликите во системите за откривање, тестирање и пријавување на инфекциите.

Како се пренесува салмонелата?

Салмонелата е група бактерии што може да предизвика салмонелоза, односно вид труење со храна. Постојат повеќе од 2.500 типови салмонела, но само околу 100 од нив се познати како причинители на заболување кај луѓето.

Инфекцијата најчесто се добива преку консумирање сурово или недоволно термички обработено месо, живина и јајца, како и преку непастеризирано млеко. Ризикот е поголем во потоплите месеци. Високите температури и неправилното чување на храната, особено доколку не се одржува соодветна температура во фрижидер, создаваат услови бактеријата полесно да се размножува.

Најранливи се малите деца

Повеќето луѓе заразени со салмонела закрепнуваат во рок од една недела. Сепак, инфекцијата може да има сериозен тек кај малите деца, особено кај оние до четири години, кај постарите лица и кај луѓето со ослабен имунолошки систем. Во Европската Унија годишно се пријавуваат повеќе од 91.000 случаи на салмонелоза, според Европската агенција за безбедност на храната (EFSA).

Проблемот, сепак, не е само здравствен. EFSA проценува дека економскиот товар од инфекциите со салмонела може да достигне до три милијарди евра годишно. Во оваа сума се вклучени трошоците за здравствена заштита и болничко лекување, но и загубите поврзани со отсуствата од работа и намалената продуктивност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс