Италија бележи рекордно најнизок наталитет од обединувањето во 1861 година

Официјалните податоци на ИСТАТ покажуваат пад на новороденчињата 17 години по ред, додека мерките на владата немаат ефект врз демографската криза.

Бројот на новороденчиња во Италија бележи рекордно најниско ниво од 1861 година наваму. Државниот завод за статистика (ИСТАТ) објави дека минатата година се родиле само 355.772 деца, што претставува пад 17-та година по ред. Негативниот тренд забрзано продолжува и во првите седум месеци од годинава со помалку од 197.000 родени бебиња, додека стапката на фертилитет падна на историски минимум од 1,13 дете по жена во репродуктивна возраст.

Најновиот извештај на италијанскиот статистички завод ИСТАТ потврди дека длабоката демографска криза во земјата не запира. Во периодот од јануари до јули се регистрирани нешто под 197.000 новороденчиња, што е пад за 1,1 процент во споредба со истиот период минатата година.

Стапката на фертилитет, која го пресметува просечниот број деца по жена во репродуктивна возраст, падна на рекордно ниски 1,13, по претходното дно од 1,14. Овие параметри ја позиционираат Италија на самото европско дно според природниот прираст.

Падот на наталитетот останува еден од најголемите структурни проблеми за италијанската економија, пазарот на труд и пензискиот систем. Премиерката Џорџа Мелони и претходните влади го поставуваа ова прашање како врвен национален приоритет. Сепак, досегашните буџетски мерки и даночни олеснувања не успеваат да го сменат трендот.


Младите луѓе сè подоцна се одлучуваат за родителство. Според ИСТАТ, просечната возраст на жените при раѓањето на првото дете изнесува 32 години, што е директна последица од нестабилните вработувања, високите трошоци за домување и недостигот од јавни детски градинки. Истовремено, расте процентот на деца родени надвор од брак, достигнувајќи 44,1 процент наспроти 43,2 проценти претходната година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс