Сакате да студирате во Франција? Денеска во Скопје можете да се запознаете со шест француски универзитети

Саемот за студии во Франција ќе се одржи од 11 до 16 часот во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“. Средношколците и студентите ќе можат да дознаат повеќе за студиските програми, условите за запишување и студентскиот живот во Франција

Македонските средношколци и студенти кои размислуваат да го продолжат образованието во Франција денеска ќе имаат можност одблизу да се запознаат со понудата на француските високообразовни институции.

Традиционалниот Саем за студии во Франција ќе се одржи од 11 до 16 часот во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Настанот го организираат Францускиот институт во Скопје и француската агенција за високо образование „Кампус Франс“.

Посетителите ќе можат непосредно да разговараат со претставници на француските универзитети и да добијат информации за студиските програми, условите за запишување и можностите што ги нуди францускиот образовен систем.

Освен академските програми, на саемот ќе можат да дознаат повеќе и за студентскиот живот во Франција, а настанот ќе биде можност и за воспоставување контакти и разгледување можности за соработка меѓу француските и македонските високообразовни институции.

На саемот ќе учествуваат шест француски високообразовни институции. Меѓу нив се четири државни универзитети кои нудат програми од различни области: природни и технички науки, медицина, право, економија, општествени и спортски науки, уметност и креативни индустрии.


Својата понуда ќе ја претстават и приватната школа „Брасар“, специјализирана за графички дизајн, анимација, видеоигри и аудиовизуелни уметности, како и „Кеџ бизнис скул“, која нуди студии од областа на бизнисот, менаџментот и сродните дисциплини.

е-Трн да боцка во твојот инбокс