Нови тензии избувнаа на Блискиот Исток откако САД извршија нови воени напади врз цели во Иран, а Техеран возврати со напад врз американска воена база во Кувајт. Според американски претставник, нападите биле насочени кон локации што Вашингтон ги смета за закана за американските сили и за трговскиот поморски сообраќај во Ормутски Теснец. Американската војска соопшти и дека пресретнала и соборила повеќе ирански дронови.
Набргу потоа, иранските вооружени сили објавија дека нападнале американска воздушна база како одговор на американскиот удар во близина на аеродромот во Бандар Абас. Според странски агенции, цел на нападот била американска база во Кувајт.
Во меѓувреме, кувајтската армија соопшти дека системите за противвоздушна одбрана пресретнуваат ракети и дронови, додека низ земјата се слушале сирени за тревога. Ескалацијата предизвика потреси и на светските пазари. Цената на нафтата „брент“ повторно се искачи над 95 долари за барел, додека американската нафта надмина 91 долар. Пад е забележан и на азиските берзи.
Паралелно со конфликтот меѓу САД и Иран, Израел соопшти дека извршил напади врз инфраструктура на Хезболах во јужен Либан, во близина на градот Тир. Нападите доаѓаат во момент кога се водат преговори за прекин на повеќемесечниот конфликт меѓу Вашингтон и Техеран. Иако иранските медиуми објавија дека постои нацрт-договор за намалување на тензиите, американската страна ги демантираше тие информации.
Американскиот претседател Доналд Трамп во средата изјави дека САД нема да дозволат Иран или Оман да имаат контрола врз Ормутскиот Теснец, нагласувајќи дека тој ќе остане отворен за меѓународна пловидба.