Вашингтон ги информираше сојузниците дека постепено ќе го намалува бројот на стратешки бомбардери, борбени авиони, беспилотни летала, подморници и воени бродови што се ставени на располагање за потребите на НАТО, продолжувајќи го притисокот врз Европа да преземе поголема одговорност за сопствената одбрана.
Одлуката била соопштена на затворен состанок на директорите за политики на НАТО, а ја пренел советникот на Пентагон Александар Веле-Грин (Alexander Velez-Green), според двајца дипломати од Алијансата кои сакале да останат анонимни.
Според извештајот на медиумот Politico, овој потег е дел од долгорочната стратегија на американскиот претседател Доналд Трамп за редефинирање на улогата на САД во НАТО и фокусирање на региони како Индо-Пацификот. Трамп претходно предизвика загриженост кај европските сојузници со најавата за повлекување на 5.000 војници од Германија, што подоцна беше делумно променето и дополнето со прераспределба на сили, вклучително и во Полска.
Детали за намалувањето на силите
Дипломати од НАТО наведуваат дека точниот обем на намалувањето сè уште не е дефиниран и дека не се објавени рокови. Вашингтон уверил дека нема промени во американското нуклеарно одвраќање.
Еден дипломат изјавил:
„Некои капацитети остануваат, други се повлекуваат целосно, а некои би можеле да се намалат за половина или една третина.“
Понатамошни разговори во НАТО
Дебатата ќе продолжи следниот месец на конференција за генерирање сили на НАТО, каде што се дефинираат воените капацитети што секоја членка ги става на располагање. Според НАТО системот, земјите-членки периодично пријавуваат војници и опрема за заеднички операции, кои потоа се активираат од врховниот командант во случај на конфликт.
Аналитичарката Џенифер Кавана од тинк-тенкот Defense Priorities во Вашингтон предупредува дека повлекувањето би создало празнини, особено во областа на подморници и стратешки бомбардери. Таа сепак смета дека Европа не треба да ги заменува капацитетите „еден на еден“, туку да развие сопствени одбранбени способности во рок од околу пет години.
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека намалувањето на американското воено присуство во Европа ќе се одвива координирано со сојузниците. Говорејќи во Хелсингборг, Шведска, Рубио рече дека промените се веќе во тек и дека европските сојузници се свесни за нив, иако можеби нема да бидат воодушевени. Портпаролката на НАТО, Алисон Харт изјави дека Алијансата со години се потпирала премногу на САД, но дека зголемените инвестиции на Европа и Канада ќе ја променат рамнотежата.