Руски напад врз Одеса: едно лице загина, тројца се повредени

Во текот на ноќта биле регистрирани и руски напади врз украински бродови, додека Киев соопшти дека украински поморски дрон погодил руско пловило во пристаништето во Сочи

Во руски напад врз Одеса утрово загина едно лице, а тројца се повредени, соопшти шефот на градската воена управа, Сергеј Лисак.

„Утрото во Одеса започна со непријателски напад. Во моментов е познато дека се повредени три лица, на кои им се укажува неопходна медицинска помош“, изјави Лисак, пренесува украинската агенција Укринформ.

Подоцна беше потврдено дека едно лице им подлегнало на повредите.

„За жал, по утринскиот непријателски напад е потврдена и смртта на едно лице. Изразуваме сочувство до семејството и блиските“, соопшти Лисак.

Зеленски најавува средба со американските претставници

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во наредните денови во Киев се очекува средба на украински претставници со специјалните пратеници на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер. Според Зеленски, украинскиот преговарачки тим е во постојана комуникација со Вашингтон, а начелно се утврдени датумите за идните средби.

Најавите доаѓаат во момент кога американската администрација продолжува со дипломатските активности поврзани со војната во Украина.

Трамп бара Европа да ја надомести американската помош

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека од европските земји ќе побара да им ги надоместат на САД средствата потрошени за воена помош и муниција што претходно ѝ биле испратени на Украина. Трамп истовремено најави дека продажбата на оружје на сојузничките земји би можела привремено да биде ограничена, поради потребата САД да ги надополнат сопствените залихи.

Тој наведе дека американското производство на муниција е зголемено и дека дел од производството во овој период ќе биде наменето за американските резерви.

Русија тврди дека погодила два брода

Руското Министерство за одбрана соопшти дека руските сили во Црното Море со дронови нападнале два брода за кои тврди дека превезувале воена опрема за украинските вооружени сили. Според руското министерство, станувало збор за брод за транспорт на расут товар со оружје и муниција и контејнерски брод со воена опрема наменета за Украина.

Москва соопшти дека продолжува со напади врз бродови и објекти на пристанишната инфраструктура што, според нејзините тврдења, ги користат украинските вооружени сили.

Украински дрон погодил руско пловило во Сочи

Украинската морнарица соопшти дека украински поморски дрон погодил руско повеќенаменско помошно пловило во пристаништето во Сочи. Според украинската страна, по нападот на пловилото „Нефрит“ избувнале експлозија и пожар. Киев тврди дека нападот претставува удар врз руската логистика и воено-економската инфраструктура.

Руските власти, пак, соопштија дека украински напад со дрон предизвикал пожар во складиште за нафта во областа Сочи. Пријавена е и материјална штета на прозорци на неколку станбени и други објекти. Според првичните информации од руската страна, нема жртви.

Киев го забрзува развојот на пресретнувачки дронови

Зеленски изјави дека забрзувањето на производството на брзи пресретнувачки дронови за борба против руските беспилотни летала „Шахед“ било една од главните теми на состанокот на Штабот на врховниот командант. Украинскиот претседател наведе дека во земјата веќе постојат производители способни да ја реализираат оваа задача, како и дека се развиени прототипи.

Целта е новите дронови да достигнат доволно високо ниво на ефикасност за да можат да се користат против руските беспилотни летала.

Во претходниот напад врз Одеса повредени 17 лица

Само еден ден претходно, во руски напад со дрон врз станбена зграда во Одеса беа повредени 17 лица, меѓу кои и три деца, соопшти Зеленски. Во нападот биле оштетени делови од зградата од 10-тиот до 17-тиот кат, а спасувачките и итните служби продолжиле со интервенциите на местото на нападот.

Во исто време, украинските власти соопштија дека едно лице загинало, а пет биле повредени во руските напади врз предградијата на Дњепар. Според локалните власти, во текот на ноќта биле изведени повеќе од 20 напади со авиобомби, беспилотни летала и артилерија врз три окрузи во Дњепропетровската област.

е-Трн да боцка во твојот инбокс