Западот пред нов тест: Руски дронови скриени во бродски контејнери целат кон Медитеранот

Американските разузнавачи ги предупредија европските влади за морски саботажи со беспилотни летала „Гербера“ преку комерцијални рути.

Американската разузнавачка агенција ЦИА предупреди неколку европски влади дека Москва подготвува нова серија удари со беспилотни летала врз земјите од Медитеранот, објави шпанскиот весник „Ел Мундо“. Според безбедносни извори, руските сили планираат да лансираат руски дронови директно од море, прикриени во стандардни бродски контејнери. Овој извештај доаѓа по директната посета на раководството на ЦИА на Москва, по што информациите за ескалација веднаш биле споделени со министерствата за надворешни работи на сојузниците.

Планот предвидува употреба на дронови од типот „Гербера“, кои би биле стационирани на трговски или специјализирани бродови во меѓународни води. Информацијата ја потврди и анонимен соговорник близок до литванското Министерство за одбрана, објаснувајќи дека ваквиот тип операција технички не бара сложена инфраструктура. Според проценките, прикривањето на лансерите во карго контејнери овозможува приближување до крајбрежјата без претходно алармирање на поморските патроли на НАТО.

Како потенцијални цели на овие хибридни удари разузнавачките податоци ги посочуваат Шпанија, Франција и Италија.

Кремљ со месеци отворено соопштува дека западните испораки на оружје, разузнавачки информации и воени советници за Киев ги прават тие држави легитимни мети. Иако руската команда засега избегнуваше фронтален судир што би го активирал членот 5 од договорот на НАТО, европските служби бележат постојан пораст на прикриени саботажи на инфраструктурата низ континентот.

Минатата година воздушниот простор на Полска веќе беше нарушен кога 19 ненаоружани дронови прелетаа над нејзината граница. Неодамна германските истражни органи регистрираа инцидент со вооружени летала во близина на аеродромот во Лајпциг, кој властите во Берлин официјално им го припишаа на руските тајни служби.

За разлика од досегашните упади главно лоцирани на источното крило и Балтикот, префрлањето на фокусот кон Средоземното Море отвора ранливост во трговските коридори од кои зависи и снабдувањето на целиот Балкан. Со влегувањето на вакви закани во медитеранскиот басен, комерцијалниот поморски сообраќај и цивилните пристаништа стануваат потенцијална сива зона на војување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс