Руската државна апликација за допишување тајно ве следи без дозвола

Форензичка анализа откри дека новата државна платформа „Макс“ чита лозинки и снима податоци уште пред корисникот да ги испрати.

Десетици милиони руски граѓани во последните година и пол добија обврска да ја користат новата државна апликација „Макс“, софтвер на технолошката компанија „ВК“ тесно поврзана со Кремљ. Нова меѓународна форензичка анализа утврди дека самата архитектонска поставеност на оваа платформа овозможува тајно снимање на екранот, читање лозинки пред испраќање и пресретнување на податоците, објави Гардијан. Властите ја промовираат како замена за Телеграм и Вотсап, додека експертите предупредуваат на опасен преседан за дигитална контрола.

Истражувачки тим составен од стручњаци од американски, канадски и индиски универзитети ја анализираше верзијата на „Макс“ за Андроид. Нивниот извештај, објавен на 10 септември, идентификуваше пет механизми со кои платформата воспоставува целосна контрола врз помалите апликации што работат внатре во неа.

„Макс“ функционира како таканаречена суперапликација, модел сличен на кинескиот Вичет. Во рамките на еден софтвер корисниците испраќаат пораки, вршат плаќања, комуницираат со банки и пристапуваат до државни сервиси. Истражувачите открија дека матичната апликација може без предупредување и без посебна дозвола да го снима секој приказ на екранот. Покрај тоа, може да чита и менува зачувани податоци, да вметнува сопствен програмски код и да го следи комплетниот мрежен сообраќај.

При тестирањето, тимот успеа да сними податоци внесени во формулари уште пред корисникот да притисне копче за испраќање. Ова вклучува скриени полиња со лозинки, термини за пребарување и претходни резервации. Оперативниот систем Андроид го третира „Макс“ како единечна апликација, па затоа нема вграден механизам со кој би ги заштитил внатрешните под-сервиси.

Истражувачите се оградија дека нивната анализа докажува постоење на овие способности во кодот, но не бележи дали руските власти веќе активно ги злоупотребуваат. Апликацијата нема пристап до надворешни платформи како Телеграм или Вотсап.

Притисокот за инсталирање тече етапно веќе 18 месеци. Од септември минатата година, руските прописи налагаат „Макс“ фабрички да доаѓа инсталиран на сите нови паметни телефони и таблети што се продаваат во земјата. Во исто време, регулаторите постојано воведуваат блокади и ограничувања за странските конкуренти.

Најсилен притисок трпат вработените во јавниот сектор, образовниот кадар и младите. Наставничка од Москва за Гардијан изјави дека по налог на градските власти, целокупната комуникација со родителите, домашните задачи и школските соопштенија морале да се префрлат исклучиво на „Макс“.

Студент од Санкт Петербург потврди дека морал да го инсталира софтверот откако факултетот го условил влезот во зградите и во студентскиот дом со дигитален QR-код што го генерира токму оваа апликација. И покрај сомнежите за приватноста, изборот бил сведен на инсталација или прекин на студиите.

Додека граѓаните се принудени да мигрираат на новата платформа, руската политичка и бизнис елита ја користи само формално. Извори блиски до Кремљ наведуваат дека функционерите набавуваат посебни, евтини уреди исклучиво за наметнатиот државен софтвер.

За редовна и доверлива комуникација, руските политичари сè уште користат Телеграм и Сигнал. Засега ниту компанијата „ВК“, ниту претставниците на апликацијата „Макс“ не одговорија на новинарските прашања за наодите од истражувањето.

е-Трн да боцка во твојот инбокс