Романија воведе строг систем за наплата на неплатените сообраќајни казни, според кој за секои 50 леи долг, односно околу 10 евра, следува еден ден без право на управување возило. Новото правило стапи на сила на 25 август, со цел да се стави крај на долгогодишното игнорирање на сообраќајните казни.
Возачите добиваат 90 дена рок за плаќање. Доколку не ја подмират обврската во тој период, бројот на денови во кои нема да смеат да возат ќе се пресметува според преостанатиот долг. На пример, доколку возач има неплатена казна од 350 евра и плати 150 евра, за преостанатиот долг од 200 евра би следувала забрана за возење од 20 дена.
Долгот, сепак, не се брише со истекот на забраната. Возачот и понатаму ќе мора да ја плати целата обврска, заедно со евентуалните камати.
Попуст ако казната се плати навреме
Системот предвидува и можност за намалување на казната. За одредени прекршоци, доколку казната се плати во рок од 15 дена, може да се плати половина од износот. Најниската казна во Романија изнесува околу 432,5 леи, односно приближно 80 евра. Ако не биде платена во рок од три месеци, тоа би значело околу осум дена без право на управување.
Откако долгот целосно ќе биде платен, надлежните треба да ја внесат промената во системот во рок од два работни дена, по што возачот повторно ќе може да управува со возило.
Новиот систем засега е блокиран
Иако законот стапи на сила, неговата практична примена наиде на правна пречка. Апелацискиот суд во Букурешт во последен момент го суспендирал правилникот за спроведување на системот. Поради тоа, во моментов нема целосно функционален механизам и поврзани системи преку кои би можело автоматски да се спроведува одземањето на возачките дозволи.
Романската Влада поднела жалба до Врховниот касациски суд. Доколку судската постапка заврши во корист на примената на новите правила, роковите би се сметале ретроактивно од 25 август, односно од денот кога законот стапи на сила.