Рокас: Владеењето на правото останува клучен услов за влез во ЕУ

Амбасадорот на ЕУ бара итен консензус за Изборниот и Кривичниот законик, клучни за преговорите за членство.

Амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Михалис Рокас, порача дека владеењето на правото останува клучен услов за успешна евроинтеграција на земјата. Тоа го рече на седница на Националниот совет за евроинтеграции, посветена на клучните аспекти на пристапниот процес. Во оваа област, истакна тој, не може да има компромис.

Рокас посочи дека предуслов за отворање на преговарачките поглавја е исполнувањето на строгите критериуми, особено во делот на владеењето на правото и нивната целосна имплементација. Станува збор за стандардна процедура што важи за сите земји кандидати. Владеењето на правото, според него, ќе остане главниот критериум според кој ЕУ ќе ја оценува секоја земја кандидатка.

Покрај законодавните реформи, амбасадорот смета дека е неопходна професионална и ефикасна јавна администрација, како и пополнување на испразнетите позиции во правосудството. Судството, порача тој, треба да биде кадровски и финансиски зајакнато и ослободено од политички влијанија. Буџетот мора да обезбеди доволно средства за негово непречено функционирање.

Рокас, кој е речиси две години во земјата, призна дека постои простор за политички несогласувања по многу прашања. Но за клучните реформи, а особено за Изборниот и Кривичниот законик, порача дека е неопходен широк политички консензус.

Во изминатиот период беа одржани меѓувладини конференции со Албанија, Украина, Молдавија и Црна Гора, при што се отвориле нови и се затвориле повеќе преговарачки поглавја. Особено видлив е напредокот на Црна Гора, оцени евроамбасадорот.

Според студија за случајот на Црна Гора, трошоците за проширувањето би изнесувале помалку од едно евро дневно по граѓанин. Франција и Германија биле двигатели на иницијативата, чија цел е забрзување на пристапувањето и постепен поголем пристап на кандидатите до внатрешниот пазар на ЕУ.

За идната повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ, Рокас рече дека е рано да се зборува за конкретни распределби. Договор се очекува до крајот на годината, а Унијата ќе располага со флексибилни финансиски инструменти. Досегашните инструменти, како ИПА-фондовите во сегашната форма, ќе бидат заменети со нови механизми за поддршка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс