Ројтерс: Се раѓа нов поредок на Светскиот фудбал

Светското првенство 2026 покажува дека светскиот фудбал влегува во нова ера. Германија, Холандија и Уругвај разочараа, додека Мароко, Парагвај и други репрезентации се наметнуваат како нови сили.
epa13057658 Soccer balls rest on the field during the 2026 FIFA World Cup group stage match between Jordan and Algeria at San Francisco Bay Area Stadium in Santa Clara, USA, 22 June 2026. EPA/BENJAMIN FANJOY

Светското првенство 2026 би можело да остане запаметено како турнир што темелно ги промени односите на силите во светскиот фудбал. Некогашните велесили повеќе немаат загарантирана доминација, а репрезентациите кои долго беа сметани за аутсајдери денес рамноправно се борат за највисоките дострели. До овој заклучок доаѓа британската новинска агенција Ројтерс во својата анализа на досегашниот тек на Мундијалот.

Пад на традиционалните фудбалски гиганти

Еден од највпечатливите примери е Германија. Четирикратниот светски шампион беше елиминиран уште во шеснаесетфиналето од Парагвај, додека Уругвај го заврши настапот уште во групната фаза. Холандија беше елиминирана од Мароко, а Италија по трет пат во низа не успеа ниту да се пласира на Светско првенство.

Ројтерс посочува и интересен податок – Италија, Германија и Шпанија, по освојувањето на своите последни светски титули, не забележале ниту една победа во нокаут-фазата на Мундијалите.

Подем на новите фудбалски сили

Додека традиционалните фаворити се соочуваат со криза, сè поголемо внимание привлекуваат репрезентациите кои до неодамна беа во втор план. Мароко продолжува да покажува дека историскиот пласман во полуфиналето на СП 2022 не бил случајност. Парагвај ја шокираше Германија, а Ројтерс како нови сили ги издвојува и Алжир, Египет, Гана, како и дебитантот Зеленортските Острови.

Дека светскиот фудбал се менува призна и германскиот селектор Јулијан Нагелсман по елиминацијата.

„Би било премногу арогантно да кажеме дека сме меѓу најдобрите репрезентации во светот. Едноставно, повеќе не сме“, изјави тој.

Слични оценки доаѓаат и од Италија, каде што Фудбалската федерација најавува темелни реформи во развојот на младите играчи и во функционирањето на националниот тим, со цел повторно да се врати меѓу светската елита.

Мароко како пример за успешен модел

Како најдобар пример за новата генерација успешни репрезентации, Ројтерс го издвојува Мароко.

По историското полуфинале во Катар во 2022 година, Мароканците продолжија сериозно да инвестираат во развојот на младите фудбалери. Сегашниот селектор Мохамед Уахби минатата година ја предводеше младинската репрезентација до светската титула до 20 години, а многу од тие играчи денес се носители на играта во сениорскиот национален тим.

Нова ера во светскиот фудбал

Според анализата на Ројтерс, Светското првенство 2026 повеќе не е приказна за доминацијата на неколку традиционални велесили. Наместо тоа, фудбалот влегува во нова ера во која сè повеќе репрезентации веруваат дека можат да победат секого, а разликата меѓу „големите“ и „малите“ никогаш не била помала.

е-Трн да боцка во твојот инбокс