Родовите прашања во женскиот бокс на ЛОИ: Контроверзии за две боксерки поради објава на руски функционер на Телеграм

Двете олимписки боксерки беа во центарот на глобална контроверзија изминатите денови, по одлуката на Меѓународниот олимписки комитет да им се дозволи да настапуваат во Париз.

Илјадници коментари и многу пишувања во медиумите тврдеа дека Имане Келиф од Алжир и Лин Ју-Тинг од Тајван се „биолошки мажи“ на кои не смее да им се дозволи да боксуваат во женска конкуренција.

Видео од Келиф од 2022 година беше споделено околу 40 илјади пати на социјалните мрежи, собирајќи милиони прегледи со тврдење дека тоа е маж кој ги прелажува Олимписките игри.

Сепак, доколку се истражат доказите за таквите тврдења против двете боксерки, се гледа дека тие се базирани на една изјава од руски функционер објавена на Телеграм минатата година.

Иако во ваквите изјави и објави се тврди дека двете боксерски се транродови лица, но не постојат никакви докази или јавна изјава за да се покаже дека двете спортистки се идентификуваат како трансродови и двете се натпреварувале во женска конкуренција во текот на целата своја кариера.

Изминатите години, родот стана важна тема во спортот, а пред Олимписките игри во Токио, многу спортови ги редефинираа своите родови правила.

Дел од федерации забрануваат спортисти кои поминале низ пубертет како машки, да настапуваат во женски дисциплини. Сепак, не постојат докази дека било која од овие боксерки, кои сега се во центарот на контроверзиите, поминале низ пубертет како машки.

Тврдењата дека тие не се жени потекнуваат од настан организиран од Меѓународната боксерска асоцијација (ИБА) од март 2023 година. ИБА, порано позната како АИБА, беше одговорна за аматерски бокс, вклучувајќи го и боксот на Олимписките игри од 1946 до 2019 година, но признавањето како Олимписка асоцијација им беше суспендирано, по децении од обвинувања за корупција.

Потоа, во 2023 година, МОК донесе одлука и формално да го повлече признавањето на оваа федерација поради недостаток на финансиска транспарентност и проблеми со фер распределувањето на судии.

Како резултат на тоа, боксот на Олимписките игри во Париз е директно надгледуван од МОК. И двете боксерки, Келиф и Лин се пласираа во Париз низ квалификациски систем организиран од МОК.

Обвинувањата од ИБА дојдоа за време на натпреварување во Њу Делхи во Индија, кога претседателот на организацијата, Умар Кремлев од Русија објави на Телеграм дека направиле ДНК тестови со кои докажале дека Имане Келиф и Лин Ју Тинг имале XY хромозоми и поради тоа биле исклучени од настанот. Сепак, ИБА изминативе денови објави дека спортистките не поминале испитување на тестостерон, туку посебен и признаен тест, за кои не открија повеќе детали. Од тестот било заклучено дека двете спортистки не ги исполнуваат потребните предиспозиции и имале компетитивна предност пред другите женски натпреварувачки.

Одлуката на ИБА беше донесена пред натпреварот за злато на Келиф против кинеската боксерка Јанг Лиу, а откако Лин Ју-Тинг веќе освои бронза.

Келиф се побуни на ваквата одлука изјавувајќи дека учествувала на многу настани и никогаш немало проблем, но кога доби прилика да се бори за злато тогаш ја спречиле.

На ЛОИ во Токио, одржани во 2021 година, Келиф загуби во четвртфиналето од Кели Харингтон.

На барањата од медиумите ИБА да понуди повеќе детали за тестовите кои ги направиле на двете спортистки, тие рекле дека биле суспендирани по испитувања со цел да се задржи интегритетот на натпреварувањето, но кога ги прашале какви се тие испитување, не дале повеќе информации.

На се почестите прашања и коментари на социјалните мрежи, реагираа од МОК во Париз кажувајќи дека сите кои се натпреваруваат во женските категории ги исполнуваат сите услови.

„Тие се подобни според правилата на федерацијата, кои беа поставени во 2016 година, а кои важеа и за Токио, да се натпреваруваат како жени, што тие и се. И ние целосно го поддржуваме тоа“,  рече портпаролот на МОК, Марк Адамс.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни