Русија ослободи поранешен американски војник од затавор, Трамп тврди дека немало размена

Американскиот државјанин Роберт Гилман, кој од 2022 година беше во руски затвор, патува кон САД откако доби помилување поради влошена здравствена состојба.

Москва го ослободи поранешниот американски маринец Роберт Гилман откако рускиот претседател Владимир Путин му потпиша помилување поради здравствени причини. Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека за оваа одлука не било побарано ништо за возврат и дека не се работи за никаква размена на затвореници. Гилман веќе патува кон САД со авион на Стејт департментот за да го продолжи своето лекување.

Американските власти потврдија дека 32-годишниот Роберт Гилман бил пуштен од затворот во Вороњеж, каде што издржуваше казна од четири и пол години. Вашингтон претходно повеќепати апелираше до Кремљ да го пушти поранешниот војник за да му се овозможи соодветен медицински третман.

Трамп ја потврди веста преку објава на својата мрежа Truth Social, каде што истакна дека ја цени одлуката на Москва да го ослободи Американцот без поставување услови или барања за размена на руски затвореници од американските затвори.

Гилман служел во Американскиот корпус на морнаричката пешадија од август 2019 до август 2020 година. Во Русија беше уапсен во јануари 2022 година, додека патувал со воз низ Вороњеж, под обвинение дека во алкохолизирана состојба физички нападнал полициски службеник.

По неговото апсење, тој беше еден од десетината американски државјани задржани во руските затвори. Иако точните детали за неговата сегашна здравствена состојба не се соопштуваат, тој со посебен лет на американската влада се транспортира кон аеродромот во Вашингтон.

е-Трн да боцка во твојот инбокс