Тесно мнозинство исландски гласачи се противат на обновување на пристапните преговори со Европската Унија, покажува најновата анкета на агенцијата „Галуп“, објавена само еден ден пред утрешниот референдум. Според истражувањето спроведено меѓу 24 и 27 август, 51,6 отсто од граѓаните се против продолжување на дијалогот со Брисел, додека 48,4 отсто го поддржуваат европскиот пат, што претставува остар пресврт во однос на претходните мерења на јавното мислење.
Утрешното гласање не значи директна одлука за полноправно членство во европскиот блок. Граѓаните на Исланд се изјаснуваат исклучиво за прашањето дали државата треба да ги продолжи преговорите кои беа замрзнати пред повеќе од една деценија. Доколку опцијата „за“ победи и евентуалните разговори со Брисел резултираат со договор, исландските гласачи повторно ќе излезат на нов референдум за да ги одобрат конечните услови за влез.
Јавното расположение забележително осцилираше во последната фаза од кампањата. Само два дена претходно, анкетата на агенцијата „Маскина“ покажа предност за проевропскиот табор со 51,3 отсто поддршка, но анкетата на „Галуп“ на примерок од 4.583 испитаници го сврте резултатот во корист на скептиците.
Исланд официјално поднесе барање за членство во 2009 година за време на тешката финансиска криза, но процесот беше прекинат во 2013 година по промената на власта во Рејкјавик. Главен камен на сопнување беше европската заедничка рибарска политика. Исландската економија традиционално зависи од морските ресурси, па стравот од губење на контролата врз сопствените риболовни води и денес доминира во јавниот дискурс.
Од друга страна, инфлацијата, високите трошоци за живот и нестабилноста на националната валута повторно го отворија европското прашање. Геополитичките превирања по војната во Украина и зголемениот интерес на големите сили за арктичкиот регион дополнително ги поттикнаа аргументите на оние што бараат поцврста интеграција во западните структури.
Иако не е членка на Унијата, Исланд е веќе длабоко интегриран во европскиот систем преку Европската економска област (ЕЕА), Шенген зоната и Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА). Ваквиот статус на земјата ѝ овозможува пристап до заедничкиот пазар, но без право на глас при креирањето на правилата во европските институции.
Гласачките кутија на островот се затвораат утре во 22 часот по локално време, по што ќе биде познато дали Рејкјавик повторно ќе седне на преговарачка маса со Брисел.