И покрај надежите за смирување на судирот, администрацијата на Трамп во изминатите две недели испрати дополнителна воена сила гионот, испраќајќи сигнал дека е подготвена за можна ескалација. Со доаѓањето на амфибиската борбена група „Боксер“ и придружните маринци кон крајот на месецот, бројот на дополнително испратени војници од почетокот на примирјето на 8 април ќе надмине 10.000, пишува „Гардијан“.
Ризик од копнена инвазија
„Ако повеќе внимание посветиме на тоа што претседателот Трамп го прави, а помалку на тоа што го зборува, копнената инвазија изгледа прилично веројатна“, изјави Али Ваез, директор на иранскиот проект во Меѓународната кризна група. „Сè уште не сме виделе да распоредил значајни воени сили на некое бојно поле, а на крајот да не ги употребил.
Тој често ја користеше американската воена моќ откако ќе ја распореди, а во овој случај испрати буквално илјадници војници во регионот. Затоа мислам дека изгледите за почнување копнена инвазија се многу поголеми отколку што се мисли. Тука постои јасен ризик од проширување на мисијата.“
Мохамад Багер Галибаф, претседател на иранскиот парламент и главен преговарач во мировните преговори, во понеделникот изјави дека исламскиот режим се подготвува да одигра „нови карти на бојното поле“ ако судирите продолжат.
Абас Арагчи, иранскиот министер за надворешни работи кој водеше две рунди преговори со САД пред тие да бидат прекинати со воена акција, беше пркосен кога NBC го праша дали Иран се плаши од американска инвазија.
„Не, ги чекаме. Уверени сме дека можеме да им се спротивставиме и дека тоа би било катастрофа за нив“, рече тој. Ашкан Хашемипур, ирански аналитичар од Универзитетот Оксфорд, смета дека тоа не е само реторика. „Се чини дека Иран во моментов прилично добро се снаоѓа во војната што се води на небото и на морето. Ако борбите се префрлат на копно, тие знаат дека таму ќе бидат уште посилни“, објасни тој.
Поуките од војната со Ирак
Самодовербата на Иран произлегува од фактот што Исламската Република веќе доживеала , и одбила, една копнена инвазија. Војната со Ирак од 1980 до 1988 година беше полигон на кој се докажа сегашната генерација ирански воени команданти.
Судирот, започнат откако Садам Хусеин нареди напад врз Иран по Исламската револуција во 1979 година, се претвори во крвава војна на исцрпување која заврши со ќор-сокак. Идеолошки мотивираните ирански сили успеаја да ја одбијат подобро опремената ирачка војска, која ја снабдуваа Западот и Советскиот Сојуз.
„Таа војна беше формативно искуство за иранските тврдокорни и конзервативни кругови. Тие не ја гледаа само како војна меѓу Иран и Ирак, туку како голем обид на Соединетите Држави и Западот да ја поткопаат Исламската револуција“, рече Надер Хашеми, професор по блискоисточна политика на Универзитетот Џорџтаун.
„Постојат јасни паралели и врски што Исламската Република ги повлекува меѓу тоа искуство и сегашната војна. Од нивна перспектива, ова што се случува сега само потврдува дека цело време биле во право. Најголемата светска сила, Соединетите Држави, и нејзиниот најголем сојузник на Блискиот Исток се обидуваат да ја урнат Исламската Република, а сега сакаат и да ја нападнат и окупираат.“
Децентрализирана одбрана
Воено и технолошки инфериорен во однос на САД, иранскиот Корпус на чуварите на Исламската револуција (IRGC) во случај на американска инвазија најверојатно би се потпрел на асиметрични тактики и герилско војување.
За да обезбеди максимална флексибилност, IRGC е поделен на 31 покраинска единица, приближно според бројот на покраини во земјата, со што се елиминира потребата од централизирана команда што американски или израелски напади би можеле да ја уништат.
Саид Голкар, професор на Универзитетот во Тенеси и експерт за IRGC, вели дека тој план бил осмислен по американската инвазија на Ирак во 2003 година. „Идејата е Иран да се распадне на мозаик во кој секој дел самостојно ќе се брани“, објасни тој.
Клучна улога би имале и поголемите, иако политички помалку влијателни, конвенционални вооружени сили познати како „Артеш“. Со реформите од 2009 година, Артеш бил поделен на единици за брзо дејствување со седишта во 12 регионални штабови, исто така со цел локалните команданти да бидат ослободени од зависност од централната команда.
Според аналитичарот Хашемипур, главната улога на Артеш би била да ги принуди американските сили истовремено да водат две војни — „една конвенционална, една неконвенционална“. Неконвенционалната војна, предводена од IRGC, би се потпирала и на паравоената формација Басиџ, позната по нападите со „човечки бранови“ во војната против Ирак.
Сепак, Голкар го намалува военото значење на таа милиција, опишувајќи ја како „инструмент за внатрешна репресија“ и изразувајќи сомнеж во подготвеноста на нејзините членови за борба поради падот на религиозноста и широко распространетото незадоволство од режимот.
Последици од ескалацијата
Со оглед на тоа што фокусот на Трамп е повторно отворање на Ормускиот Теснец, копнената операција би можела — барем на почетокот — да биде ограничена на окупација на еден или повеќе острови долж јужниот брег на Иран, наместо на целосна инвазија.
„Во Ирак и Авганистан, Иран и неговата Револуционерна гарда беа во средиштето на случувањата, обидувајќи се да создадат кал за Американците. Но, бидејќи не постојат надворешни држави што би можеле да поддржат бунт во Иран, нема да го видиме истото сценарио како во Ирак“, рече тој.
Исходот, така, би можел да зависи од ставот на незадоволното иранско население и од подготвеноста на САД да поднесат жртви. „Секоја копнена инвазија веројатно би вклучувала значителни американски жртви, а тоа е нешто што Иранците всушност би сакале да го видат“, рече Ваез, додавајќи дека Трамп можеби веќе ја загубил поддршката од противниците на режимот со своите закани.
„Не можеме да го генерализираме расположението на јавноста, но важно е да се земе предвид во кој момент од судирот би се случила копнената инвазија. Тоа би било откако претседателот Трамп се закани дека ќе го врати Иран во камено доба.
Јавното мислење во Иран се свртува против оваа војна, а испраќањето копнени сили поверојатно би му користело на режимот отколку на неговите противници. Ако американски чизми стапнат на иранска почва, Револуционерната гарда ќе ги смета за лесни цели и сигурно ќе се обиде да им нанесе што е можно поголеми загуби.“