Search

Откриено олово во електронските цигари кои стануваат привлечни за младите

Електронските цигари запленети од студенти содржат високо ниво на олово, никел и хром, открива Би-Би-Си. Научниците собраа искористени е-цигари пронајдени на колеџот Бакстер во Кидерминстер и ги тестираа во лабораторија.

Резултатите покажаа дека децата кои ги користат може да вдишат двојно повеќе олово од препорачаното на дневна основа и дури девет пати повеќе од никел.

Некои електронски цигари исто така содржеле штетни хемикалии слични на оние кои се наоѓаат во чадот од цигарите.

Изложеноста на високо ниво на олово кај децата може да влијае на развојот на централниот нервен систем и мозокот, предупреди Светската здравствена организација, а пренесува Би-би-си.

Најлоши резултати досега
Лабораторијата Inter Scientific во Ливерпул, која работи со производителите на електронски цигари за да обезбеди усогласеност со регулативата, анализирала 18 електронски цигари.

Повеќето беа нелегални и не поминаа никаков вид на тестови пред да бидат продадени во Англија.

Ко-основачот на лабораторијата Дејвид Лоусон рече: „За 15 години тестирање, никогаш не сум видел олово во е-цигарите. Ништо од нив не треба да се најде на пазарот – тие ги прекршуваат сите правила за дозволени количини метал. Ова се најлошите резултати што некогаш сум ги видел“.

Во електронските цигари кои изгледаат како флуоресцентни маркери, откриени се следните количини на метали:

– олово – 12 микрограми на грам, 2,4 пати повеќе од пропишаното безбедно ниво на изложеност

– никел – 9,6 пати повеќе од безбедно ниво

– хром – 6,6 пати повеќе од безбедно ниво

Се сметаше дека металите потекнуваат од грејниот сегмент, но тестовите покажаа дека тие се присутни во самата е-течност.

Лабораториските тестови, исто така, открија соединенија наречени карбонили – кои се разградуваат, кога течноста се загрева, на хемикалии како што се формалдехид и ацеталдехид, кои исто така се наоѓаат во чадот од цигарите – на нивоа 10 пати повисоки од оние што се наоѓаат во легалните е-цигари. Некои имаа повеќе од цигари.

Распространето меѓу средношколците

Производителите мора да се придржуваат до прописите за состојките, пакувањето и промоцијата, а сите електронски цигари и е-течности мора да бидат регистрирани во Регулаторната агенција за лекови и здравствени производи (MHRA). Сепак, од агенцијата не се бара да ги потврди тврдењата во документацијата и нема овластување да истражува нерегистрирани производи.

Шефот за е-цигари во MHRA, Крег Копланд, рече дека резултатите ќе бидат разгледани за да се процени дали е-цигарите претставуваат ризик по здравјето.

Би-Би-Си откритието им го покажа на студентите од колеџот Бакстер, Леон и Оскар, на кои им беа одземени електронските цигари. Тие во претходниот разговор признале дека биле зависни од никотин и дека се мачеле да се откажат од пушењето.

Тие велат дека е лесно да се игнорираат ризиците. „Нема да ви биде важно дали сте зависни од тоа – само ќе заборавите на тоа“, рече Оскар.

Леон рече дека регулативата и спроведувањето на законот треба да направат повеќе за да го решат проблемот. „Тие не се толку загрижени како што треба“, рече тој.

Директорот Мат Карпентер бил згрозен од откритијата. Тој постави сензори во училишните тоалети за да се обиде да го намали пушењето. Електронските цигари се широко користени од средношколците, а колеџот Бакстер не е единствениот што се обидува да ги спречи.

„Тоа е дел од младинската култура долго време, а ние заостануваме во обидот да го контролираме однесувањето на децата околу тоа“, рече Карпентер.

Опасно вдишување на метал

Професорот по епидемиологија на Универзитетот во Нотингем Џон Бритон рече дека вдишувањето метали може да биде опасно:

„Оловото е невротоксин и го забавува развојот на мозокот, хромот и никелот се алергени, а металните честички воопшто во крвотокот може да предизвикаат згрутчување на крвта и може да го зголемат ризикот од развој на кардиоваскуларни болести. Карбонилите се благо канцерогени и затоа ќе го зголемат ризикот од рак со долготрајна употреба, но во легалните производи нивоата на сите овие супстанции се екстремно ниски, така што животниот ризик за поединецот е исклучително низок“.

Но, Лосон рече дека има неодамнешно зголемување на нелегалните производи и дека „некои од нив тешко се разликуваат од оние што се потенцијално легални“.

Нелегално е да се продаваат електронски цигари на луѓе помлади од 18 години. Сепак, истражувањето на YouGov во март и април укажува на пораст на експерименталната употреба на цигари кај децата и младите на возраст од 11 до 17 години, од 7,7% минатата година на 11,6%.

Извор: n1info.hr

Најново

Последни колумни