Раширени раце над Рио: 95 години од отворањето на „Христос Спасителот“

Скулптурата е изработена во Франција, лицето е дело на романски вајар, а изградбата траела девет години. Денес е невозможно да се замисли Рио без неа.

На 12 октомври 1931 година, на врвот на планината Корковадо над Рио де Жанеиро, свечено била отворена статуата „Христос Спасителот“. Висока 30 метри, со раширени раце во распон од 28 метри, таа е најголемата статуа во стилот арт деко во светот и симбол по кој Бразил се препознава насекаде.

Идеја стара 70 години

Првата идеја за статуа на Христос на Корковадо се појавила уште во 1859 година, но била реализирана дури во 20 век.

Камен-темелникот бил поставен во април 1922 година, во годината кога Бразил одбележувал сто години од независноста. Една година подоцна, на архитектонски конкурс победил проектот на бразилскиот инженер Еитор да Силва Коста. Биле разгледувани неколку решенија: крст, Христос со глобус во рацете и постамент што го симболизира светот. Изборот паднал на Христос со раширени раце, како симбол на мирот.

Работа на неколку континенти

Статуата е дело на неколку автори. Да Силва Коста го водел проектот, а уметникот Карлос Освалд учествувал во дизајнот. Францускиот вајар Пол Ландовски ја изработил скулптурата од глина, во делови, во Франција.

Лицето на Христос го изработил романскиот вајар Георге Леонида. Деловите потоа биле пренесени во Бразил, каде што Да Силва Коста и францускиот инженер Албер Како ги составиле во конструкција од армиран бетон.

Шест милиони камчиња и пораки од работниците

Бетонската конструкција е обложена со мозаик од триаголни плочки од стеатит – мек камен отпорен на временските услови, кој лесно се обработува. Според повеќе извори, плочките се околу шест милиони. Се раскажува дека работниците на задната страна на некои од нив пишувале пораки и имиња, па под површината на статуата се крие и еден слој историја.

Изградбата траела девет години и чинела околу 250.000 долари според тогашната вредност. Статуата е висока 30 метри, а заедно со постаментот достигнува 38 метри.

Од споменик до светско чудо

Корковадо е висок околу 700 метри, па статуата се гледа од речиси секој дел на градот. Со децении таа била највисоката статуа на Христос во светот, сè до 2010 година, кога во полскиот град Свјебоџин била изградена повисока статуа.

На 75-годишнината, во 2006 година, под статуата била осветена капела посветена на заштитничката на Бразил. Една година подоцна, во 2007 година, „Христос Спасителот“ бил избран меѓу Седумте нови светски чуда.

Статуата бара постојано одржување. Ударите од гром и временските услови го оштетуваат каменот, па надлежните во државата Рио де Жанеиро повеќепати ги заменувале плочките и громобраните. Рацете што биле раширени пред 95 години и денес остануваат отворени над градот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс