Ирската нискобуџетна авиокомпанија „Рајанер“ најави дека ја затвора својата база во Берлин и ќе го намали бројот на летови од и кон германската престолнина. Како причина ги наведува зголемените оперативни трошоци, повисоките аеродромски такси и даноците во Германија.
Одлуката е дел од стратегијата на компанијата за оптимизација на мрежата и пренасочување на капацитетите кон европски аеродроми со пониски трошоци.
Според најавата на „Рајанер“, седумте авиони што досега биле базирани во Берлин ќе бидат преместени во други европски земји, каде што оперативните услови се поповолни. Компанијата ќе продолжи да сообраќа кон Берлин, но без базирани авиони.
Тоа значи дека се очекува помал број директни линии и намалена фреквенција на летови од и кон Берлин.
Од „Рајанер“ наведуваат дека високите аеродромски такси и државните давачки во Германија ја прават операцијата во Берлин економски неисплатлива, особено во споредба со други европски пазари што нудат поповолни услови за нискобуџетни авиопревозници.
Одлуката може да влијае врз понудата на летови и можностите за патување од Берлин, особено за патниците што користат евтини авио-врски.