Радомир Саичиќ, редовен член на Српската академија на науките и уметностите (САНУ) и професор на Хемискиот факултет во Белград, ќе биде кандидат на студентската листа на претседателските избори во Србија, дознава весникот „Неделник“. Според информациите објавени на интернет-страницата на белградскиот неделник, останува формално да се потврдат гласовите, но Саичиќ веќе ја добил поддршката од студентските пленуми и пратениците. Неговата кандидатура официјално треба да биде објавена утре.
Саичиќ е еден од универзитетските професори кои уште во почетокот на студентските протести отворено се вклучија во општествените и политичките случувања. Една од неговите пораки што привлекла големо внимание во јавноста била објавена токму во изборната ноќ, по прогласувањето на победата на студентската листа, потсетува „Неделник“.
„Во Србија денес се слуша гласот на слободата и ниту една сила не може да го надвладее народот кој одлучил да ја преземе судбината во свои раце“, изјавил Саичиќ.
„Ова е победа на храброста над стравот, на надежта над рамнодушноста, победа на вербата дека Србија може и мора поинаку“, порачал тој, додавајќи дека вистинската работа допрва претстои.
Ги критикувал полициските постапки и побарал оставка од Вучиќ
За време на студентските протести, Саичиќ го критикувал и постапувањето на полицијата кон демонстрантите. Во јуни 2025 година ја потпишал петицијата на членовите на САНУ со која се барала оставка од српскиот претседател Александар Вучиќ. Во мај 2026 година повторно се најде во центарот на вниманието, откако ја напуштил изложбата „Свети Сава“ во Галеријата на САНУ, по најавата дека на присутните ќе им се обрати министерот за култура Никола Селаковиќ.
Саичиќ беше на изборната листа „Студентите победуваат“, на која на парламентарните избори на 25 октомври 2026 година беше на 91. место. По изборите стана народен пратеник. На конститутивната седница на Собранието беше избран за заменик-член на собраниските комисии за одбрана и внатрешни работи и за Косово и Метохија, а беше именуван и за член на Комисијата за образование.
Професор по органска хемија и член на САНУ
Радомир Саичиќ е роден на 31 октомври 1961 година во Белград. Студирал хемија на Универзитетот во Белград, каде што дипломирал во 1983 година, магистрирал во 1987 година и докторирал во 1992 година. Научното усовршување го продолжил во Франција, а професионалната кариера ја изградил во областа на органската хемија.
За дописен член на Српската академија на науките и уметностите бил избран во 2012 година, а за редовен член во 2018 година.
