Путин уверен во победа, но парадата во Москва помина сиромашно

Парадата за Денот на победата во Москва годинава помина под силни безбедносни мерки и без вообичаената колона со тешко оружје.

Рускиот претседател Владимир Путин на парадата за Денот на победата во Москва порача дека е уверен во победа во војната против Украина, повикувајќи се на наследството на Советскиот Сојуз од Втората светска војна. „Нашата работа е праведна, стоиме заедно, победата секогаш била и секогаш ќе биде на наша страна“, изјави Путин на Црвениот плоштад, пред илјадници војници и под засилени безбедносни мерки.

Во говорот, Путин ја претстави руската армија како наследник на „генерацијата победници“ од Втората светска војна и повторно тврдеше дека Москва во Украина се соочува со „агресивна сила“ поддржана од НАТО. Тој рече дека руските војници „напредуваат“, иако борбите на теренот остануваат тешки и без големи поместувања, а војната влегува во петтата година.

Но, зад силните пораки од говорницата, годинашната парада беше видливо намалена. За првпат по речиси две децении, на Црвениот плоштад немаше вообичаена колона со тешко вооружување, тенкови и ракети. Кремљ претходно соопшти дека парадата ќе биде без изложување оружје поради зголемената закана од украински напади, а настанот се одржа под строги мерки за безбедност.

Парадата се одржа во услови на тридневно примирје договорено со посредство на американскиот претседател Доналд Трамп, иако Москва и Киев претходно меѓусебно се обвинуваа за негово кршење. Украинскиот претседател Володимир Зеленски саркастично објави дека ѝ „дозволува“ на Москва да ја одржи парадата и дека Украина нема да го гаѓа Црвениот плоштад за време на церемонијата.

Настанот заврши со прелет на борбени авиони и чад во боите на руското знаме, додека Путин им честиташе на ветераните по повод 81-годишнината од победата над нацистичка Германија. Иако Кремљ се обиде да испрати порака на сила и единство, отсутните тенкови и ракети ја претворија парадата во симбол на војна што сè повеќе ја оптоварува руската воена и политичка сцена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни