Судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска продолжува во судницата во Идризово, при Основниот кривичен суд Скопје. Процесот се наоѓа во фазата на изведување докази, а денешното рочиште е посветено на продолжување на распитот на тимот градежни вештаци ангажиран за изработка на вештачењето на Обвинителството.
Одбраната на обвинетите на претходното рочиште ги испрашуваше професорот Горан Марковски и професорката Душица Анѓелковиќ. Дел од прашањата се однесувале на урбанистичкиот статус на објектот и околностите поврзани со неговата изградба и користење. Вештачењето го подготвил тим од Градежниот факултет при УКИМ, а нивниот распит се очекува да биде последниот дел од доказната постапка на Обвинителството.
По доказите на Обвинителството следува одбраната
Откако ќе заврши распитот на градежните вештаци, во процесот треба да следи изведувањето на доказите предложени од одбраната. Случајот го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, додека обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители. Пожарот во „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година, за време на настапот на групата ДНК. Во трагедијата загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Кочанскиот пожар е една од најтешките трагедии во поновата историја на Северна Македонија, а судскиот процес треба да ги утврди околностите и одговорноста поврзани со несреќата.