Пукотници во Истанбул: Полицијата уби 21-годишник осомничен дека планирал терористички напад

Инцидентот се случил за време на антитерористичка операција во населбата Султанбејли, во азискиот дел од Истанбул

Дваесет и едногодишен маж, за кого турските власти тврдат дека бил поврзан со терористичката организација Исламска држава и подготвувал напад, е убиен во вооружена пресметка со полицијата во Истанбул. Во престрелката бил повреден и еден граѓанин.

Инцидентот се случил за време на антитерористичка операција во населбата Султанбејли, во азискиот дел од Истанбул. Според соопштението на Канцеларијата на гувернерот на Истанбул, операцијата била спроведена од полицискиот Оддел за борба против тероризмот, во координација со разузнавачките служби.

Цел на операцијата бил 21-годишниот Беркан Ч., за кого надлежните процениле дека е поврзан со Исламска држава, во Турција позната како ДЕАШ, и дека планирал терористички напад на територијата на земјата.

Кога полицајците се обиделе да го приведат, осомничениот отворил оган кон нив, по што тие возвратиле. Во престрелката 21-годишникот бил смртно застрелан.

Турските медиуми јавуваат дека во размената на огнот бил повреден и граѓанин кој се наоѓал во близина. Тој бил пренесен во болница, но засега нема подетални информации за неговата здравствена состојба.

На снимките објавени на социјалните мрежи се слушаат повеќе истрели, додека полициски екипи ја обезбедуваат околината. По завршувањето на операцијата, на местото пристигнале дополнителни полициски и форензички екипи.

Според информациите што ги објавија турските медиуми, истрагата треба да утврди со кого комуницирал осомничениот, каков напад наводно подготвувал и дали во планирањето биле вклучени и други лица.

Турција во изминатиот период спроведува засилени операции против лица осомничени за поврзаност со Исламска држава. Турските власти ја сметаат организацијата за одговорна за повеќе смртоносни напади извршени во земјата во изминатата деценија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс