Пукање во Германија: Најмалку пет лица загинаа во Штаде, осомничениот е уапсен

Најмалку пет лица загинаа во вооружен напад во германскиот град Штаде, во сојузната покраина Долна Саксонија. Полицијата потврди дека осомничениот е уапсен, додека мотивот за нападот сè уште не е познат.

Најмалку пет лица загинаа во пукотница што денеска се случи во германскиот град Штаде, во покраината Долна Саксонија, соопшти германската полиција. По нападот е уапсен осомничениот, а во тек е обемна истрага за околностите и мотивот за крвавиот инцидент.

Според првичните информации, истрелите биле испукани во областа Данкерсштрасе, по што на местото веднаш пристигнале голем број полициски патроли, екипи на итната медицинска помош и два полициски хеликоптери кои го надлетувале градот.

Полицијата преку социјалните мрежи ги повика граѓаните да ја избегнуваат областа додека трае акцијата. Неколку часа подоцна беше потврдено дека во нападот животот го загубиле најмалку пет лица.

Според германскиот весник Билд, местото на нападот се наоѓа во непосредна близина на младинска институција, поради што истражителите проверуваат дали меѓу жртвите има деца или млади лица. Во близина се наоѓа и полициската станица во Штаде.

Засега не е познато што го предизвикало нападот, ниту дали осомничениот ги познавал жртвите. Германските власти соопштија дека ситуацијата е ставена под контрола по приведувањето на осомничениот, но истрагата продолжува.

Штаде е град со околу 50.000 жители, сместен западно од Хамбург. Надлежните најавија дека повеќе информации ќе бидат објавени по завршувањето на увидот и идентификацијата на жртвите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс