Австриската полиција започна голема операција во близина на салата „Штадхале“ во Виена, непосредно пред почетокот на финалето на Евровизија, поради пропалестински протест против учеството на Израел на натпреварот.
Дел од демонстрантите, меѓу кои имало и маскирани активисти, се собрале на скалите пред главната градска библиотека, во близина на метро-станицата кај арената каде се одржува финалето. Тие извикувале слогани и држеле транспаренти, по што полицијата интервенирала и отстранила дел од групата.
Претходно во текот на денот, неколку илјади луѓе учествувале на одделен протест во Виена против настапот на Израел на Евровизија. Според полицијата, тој протест поминал мирно, без апсења и поголеми инциденти.