Привремена забрана на алкохол на Бахамите предизвика незадоволство кај туристите

Бахамите воведуваат привремена забрана за продажба на алкохол за време на избори, што предизвика незадоволство кај туристи и крузер патници.

Популарната карипска дестинација Бахами воведува привремена забрана за продажба на алкохол за време на изборниот ден, што предизвика незадоволство кај бројни туристи, особено патници на крузери кои ќе бидат на пристаниште во тој период. Мерката опфаќа целосна забрана за продажба на алкохолни пијалаци на денот на изборите.

Забраната ќе важи на 12 мај, од 08:00 до 18:00 часот, додека трае гласањето. Властите соопштија дека секоја продажба или нудење алкохол во тој период ќе се смета за прекршување на законските одредби за деловни лиценци, со што се засилуваат контролите за време на изборниот процес.

Ограничувањето не се однесува само на копното, туку ги опфаќа и приватните острови и туристичките зони под управување на крузерски компании. Од компанијата Royal Caribbean International потврдија дека забраната важи и за нивниот приватен остров CocoCay, каде што во тој период ќе пристигнат бродовите Oasis of the Seas и Wonder of the Seas.

Иако компанијата изрази разбирање за локалните закони и нагласи дека мора да ги почитува сите прописи, многу патници реагираа негативно, особено поради доцното известување. Дел од туристите изјавија дека би ги промениле плановите доколку порано биле информирани за ограничувањата, додека на социјалните мрежи се појавија бројни критики.

Сепак, постои делумна утеха за патниците, бидејќи забраната важи само на копно. На бродовите на крузерите продажбата и консумацијата на алкохол ќе продолжат без ограничувања.

е-Трн да боцка во твојот инбокс