По пресвртот во резултатите од четирите референдуми што се одржаа во неделата во Словенија, мнозинството гласачи се изјасниле против измените на Законот за парламентарни истраги. Според податоците објавени до 22:55 часот, со обработени 97,93 проценти од гласовите, против измените гласале 50,72 проценти, а за нив 49,28 проценти од гласачите.
Против предлогот гласале 446.537 граѓани, со што е надминат и законскиот праг од 339.706 гласови потребен за отфрлање на измените. Доколку резултатите бидат потврдени, новите правила нема да стапат во сила и ќе продолжи да важи досегашната законска рамка.
Предложените измени предвидуваа ограничување на можностите за уставно-судска заштита на лицата опфатени со парламентарни истраги. Власта ги образложуваше како начин за поефикасно спроведување на истрагите, додека противниците предупредуваа дека со нив би се ослабнала заштитата на правата на граѓаните. Токму ова прашање беше единственото од четирите на кое граѓаните гласаа на обврзувачки референдум.
Неизвесна трка за придонесот за јавниот сервис
На другите три референдуми засега водат опциите „за“, но нивните резултати имаат консултативен карактер и не предизвикуваат автоматски законски промени.
Најнеизвесна е трката за предлогот за укинување на задолжителниот придонес за Радиотелевизија Словенија. Според досега обработените гласови, 50,57 проценти од гласачите се изјасниле за укинување, а 49,43 проценти против. Разликата е само 1,14 процентни поени, па преостанатите гласови би можеле да влијаат врз конечниот резултат. Дури и ако опцијата „за“ победи, придонесот нема автоматски да биде укинат, бидејќи за таква промена ќе биде потребна дополнителна законска постапка.
Мнозинство за условување на социјалната помош со работа
Поголема разлика е забележана на референдумот за предлогот паричната социјална помош да се услови со општественокорисна работа. За ова решение гласале 61,12 проценти од гласачите, додека 38,88 проценти се изјасниле против.
Поддршка добил и предлогот за ограничување на правото на глас на локалните избори на словенечките државјани и државјаните на Европската Унија. За него гласале 55,85 проценти, а против 44,15 проценти од гласачите.
Ова прашање е особено важно и за македонските државјани со постојан престој во Словенија, кои, според објавените информации, со законските измени од септември го изгубиле правото да гласаат на локалните избори.
Резултатите од сите четири референдуми засега се неофицијални. Конечниот исход ќе биде утврден по обработката на преостанатите гласови, вклучително и оние пристигнати по пошта и од странство. Додека исходот од референдумот за парламентарните истраги има директни правни последици, резултатите од останатите три ќе претставуваат став на гласачите, но не и автоматска обврска за промена на законите.