Search

Престолнина

Минатата недела ви ветив дека ќе се оствари деценискиот сон на Македонецот. Ветив ќе нè удри метеор. Ветив и не остварив. Но, на неостварени ветувања сте веќе навикнати, па следствено на тоа и испраксирани да се разочарате. Впрочем, разочарувањето од други луѓе е вашата комфорна зона. Незаменлива е топлината која токму разочарувањето од други ја овозможува. Сладок самозаборав, проследен со потполно отсуство на одговорност, или било каква посериозна промисла. Рај на земјата, дами и господа.

Македонија е рај на земјата, а самиот Господ Бог е Македонец. Тоа го знаат сите, еве веќе речиси петнаесетина години. Древно кралство на преубави луѓе, место каде што се раѓа пролетта, светлината, писмото. Македонија е земја каде што се раѓа умот, науката, митологијата… А Скопје, Скопје е нејзиниот главен град, нејзината престолнина. Забегав? Не би рекол…

Ете, сув факт е дека Скопје е Европска престолнина на културата за 2028 година. Аплициравме, искомплициравме, модифициравме и добивме. Европската комисија го потврди тоа пред некој ден и готово. Оваа вест многу тешко им падна на мнозинството граѓани на престолнината, пред се поради тоа дека не е лажна вест. Многу пречи и што не е лоша вест. Особено тешко паѓа поради фактот дека е добра вест. Добрите вести кај нас се особено омразени. Едноставно ниту можеме, ниту сакаме да се носиме со добри вести. Така комотни во неверувањето, негирањето и исмевањето на се што е наше, се лутиме, нервозни сме и неволни кон убавото што би можело да не чека во иднината, доколку барем малку се промениме на подобро. Конструктивност, труд, верба, одговорност… Не е тоа за нас.

Подготвени сме да испиеме галони малициозна пропаганда од врескави и пискави несреќници, наапани за богатство и власт. Досетки, пцости, насилство, закани…. Па врескаме и пискаме против себе, едни против други и против Европа се разбира. Не ни чини Европа. Никој не ни чини. Си ги ждереме сопствените деца кои бегаат од нас и атмосферата која ја создаваме. Бегаат во Европа. Живеат и работат во Европската Унија и добро им е. Нема да се вратат овде. Нема шанси. На што да се вратат? На досетки? На врескање и пискање? На митолошка деморализираност?

Скопје како Европска престолнина на културата за 2028 година е потсетник. Потсетник на нашата географска, историска и културолошка припадност. Потсетник дека лежиме на урнатините на легендарни империи, кои не само што владееле со регионот и целиот тогаш познат свет, туку своевремено биле и најнапредни во сферата на културата, писменоста, па и хигиената. Потсетник дека до пред неколку децении бевме рамноправен дел од СФР Југославија, која по многу тоа е пример за Европската Унија, на која без дискусија ѝ припаѓаме. Но потсетник и дека како народ и како држава не сме напредувале доволно во многу сфери од современото живеење и дека мораме да дадеме сѐ од себе, за да фатиме чекор со нашите поразвиени европски сограѓани.

Скопје како Европска престолнина на културата за 2028 година, е можност да се предизвикаме себе си и конечно да преземеме одговорност, пред се за самите себе. Да го подбутнеме овој од нас измрцварен град малку напред. Да биде почист, поубав, покултурен, поадекватно изграден, поинклузивен, полесен за шетање и по – сакан од нас самите, но и од многубројните посетители кои и онака, не сум сосем сигурен зошто, гаат нескриени симпатии кон него.

Знам, ќе речете се давиме во корупција, недоразбирања и токсична заваденост. Вистина е. Имаме многу проблеми. Проблемите се густи и комплексни. Но проблемите нема никој да ни ги реши, а оваа неочекувана “титула“ е симпатичен предизвик барем да се бориме против сите тие проблеми. Можеби ќе ни успее. Можеби не. Но никој не може и не смее да ни ја одземе борбата за подобро утре и подобри нас. Скопје како Европска престолнина на културата за 2028 година е веројатно последна шанса за денешната зрела македонска генерација да направи нешто добро, да покаже пример за генерациите кои доаѓаат. Да демонстрираме малку вредност, суштина и љубов. Децата да си дојдат дома.

Авторот е музичар

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни