Преспанското Езеро ни исчезнува пред очите!

Нивото на водата падна речиси три метри под сезонскиот просек или 36 сантиметри под апсолутниот дозволен минимум. Додека институциите молчат, природата испраќа аларм што повеќе не може да се игнорира.
Драматично повлекување на водата во Преспанското Езеро, октомври 2025 – фотографија од @prespa_sos
фото: Ole Gold

Инстаграм страницата СОС Преспа, која редовно алармира за еколошките прашања од регионот на Преспа, објави драматична фотографија што совршено ја доловува состојбата: песокот напредува, а водата се повлекува. Под фотографијата стои едноставна реченица – „Не’ напушта Преспанското Езеро :(“ – и навистина така изгледа.

Последниот извештај на Управата за хидрометеоролошки работи (31 октомври 2025) покажува дека нивото на езерото е 36 сантиметри под апсолутниот дозволен минимум, а речиси три метри под сезонскиот просек. Тоа го потврдува и хидролошкиот билтен, според кој моменталното ниво е 840,89 м.н.м, додека просекот за октомври е 843,67 м.н.м.

На терен, водата се повлекува толку брзо што жителите од селата околу езерото веќе сведочат на појави што порано биле незамисливи: плитки заливи се претвораат во суви песочни полиња, а рибите се борат да преживеат во изолираните барички.

Иако научниците со години предупредуваат на потребата од координирана акција меѓу Македонија, Албанија и Грција, бидејќи езерото е трансграничен екосистем, реакцијата на државите останува половична и бавна.

Ова не е само природен циклус, туку аларм за човечката неодговорност и климатските промени што ја уништуваат еколопката рамнотежа на регионот.

А Преспа – нашето планинско бисерче – сега ни исчезнува пред очите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни