Повеќе од 50 учесници беа дел од инклузивната велосипедска тура „Преспански аванТУРИ“, која на 15 август се одржа во Претор и Сливница, во рамки на проектот „Магијата на Преспа“.
Настанот го организираше Здружението „Икуалити“ од Скопје, во партнерство со Здружението „Иднина на традицијата“ од Ресен.
Велосипедска тура покрај Преспанското Езеро
Учесниците возеа долж крајбрежјето на Претор и Сливница со стандардни и адаптивни велосипеди, во атмосфера на дружење, движење и уживање во природата покрај Преспанското Езеро.
Меѓу учесниците имаше и деца и возрасни, а најголем интерес предизвикаа адаптивните велосипеди.
По турата, за време на пикникот и дружењето во Претор, присутните имаа можност да ги испробаат различните велосипеди и одблизу да видат како функционира велосипед прилагоден за различни потреби.
Настанот го проследија и претставници на УНДП, со што беше нагласена важноста на иницијативите што ги поврзуваат инклузијата, активниот туризам и развојот на локалната заедница.
„Да ја доживееме Преспа без поделби“
„Најважно за нас беше да создадеме настан во кој различни луѓе можат заедно да возат, да се дружат и да ја доживеат Преспа без поделби. Најмногу нè радува што видовме деца и возрасни со огромна љубопитност да ги пробуваат адаптивните велосипеди, што ни покажува дека токму преку вакви искуства се создава поголемо разбирање, прифаќање и природно чувство за еднаквост“, изјави Гере Трипков од Здружението „Икуалити“.
Првиот „Рент адаптив вело“ во Преспа
Со велосипедската тура беше промовирана и новата услуга „Рент адаптив вело“, преку која адаптивните велосипеди ќе останат достапни и по завршувањето на настанот.
Велосипедите ќе може да се користат и изнајмуваат преку Здружението „Иднина на традицијата“ во Ресен.
На овој начин се создава трајна можност лицата со попреченост, нивните семејства и посетителите на Преспа да имаат пристап до адаптивно велосипедско искуство.
Следува „Преспа Ритрит“ во Брајчино
Проектот „Магијата на Преспа“ продолжува со „Преспа Ритрит“, кој ќе се одржи од 1 до 5 септември во Брајчино.
Станува збор за петдневно искуство посветено на релаксација на телото и умот, движење, музика, јога, ајурведа и поврзување со себе и природата.
Со ограничен број учесници и програма водена од повеќе ментори, „Преспа Ритрит“ има цел да создаде простор за нови, одржливи и автентични туристички искуства што ги поврзуваат природата, здравјето, благосостојбата и луѓето.
Проект поддржан од ЕУ и УНДП
Проектот „Магијата на Преспа“ е дел од програмата #ЕУзаПреспа, поддржана од Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија и имплементирана од Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП.
Целта на проектот е преку конкретни и одржливи активности да се промовираат инклузивниот и активен туризам, пристапноста, благосостојбата, еднаквото учество и природните потенцијали на Преспанскиот регион.